Вучиќ за годишнината од НАТО бомбардирањето: Обврска на Србија е да прости и никогаш да не заборави

Работа и обврска на Србија е да прости, но исто така нејзина обврска е и никогаш да не заборави и затоа ќе негуваме култура на сеќавање, нема да се срамиме од жртвите, туку ќе се гордееме на она што го стори Србија за да ја зачува својата слобода, огништата и земјата, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ по повод утрешната 22-годишнина од почетокот на агресијата на НАТО.

На прашањето на новинарот од руската агенција ТАСС колку бомбардирањето на НАТО остава длабока трага во судбината на српскиот народ и колку години треба да се надмине, Вучиќ кажа дека Србија утре ќе одбележи уште една годишнина од почетокот на агресијата на НАТО, наведувајќи дека, како што изјави, го изговара вистинскиот збор – „агресија” и дека тоа не го нарекува кампања, операции, интервенции, како некои порано.

EPA/SASA STANKOVIC

Тој оцени дека таквите се плашеле од вистината, поради критики во некои амбасади, мислејќи притоа дека ќе ги задржат на власт.

– Ние сме заинтересирани за вистината и за нас животот на малата Сања и другите е поважен од она што ќе го кажат западните амбасади, изјави Вучиќ, додавајќи дека Србија ќе продолжи со културата на сеќавање и најави дека утре, како и во изминатите седум години, ќе го одбележи овој ден во Белград и дека ќе зборува, заради пандемијата, пред само неколку луѓе.

– Ќе имаме соодветна програма каде ќе паметиме за нашите загинати деца, цивили, војници, но и полицајци кои беа виновни само заради тоа што ја чуваа земјата и ги бранеа нејзините граници, изјави српскиот претседател.

Вучиќ кажа дека Србија сака да има пријателски односи со сите што учествувале во агресијата, но ќе ги памети и своите жртви.

– Мислам дека во историска смисла има многу малку сомнежи во врска со нападот врз тогашната СРЈ. Сметам дека сите оценки што ги даваме се пропорционални, односно изборот на нашите зборови и текстови е точно пропорционален на злосторството извршено врз нашиот народ и земја, истакна Вучиќ.

Бројката на цивилни жртви за време на бомбардирањето на Србија никогаш не се потврди. Одредени српски извори наведуваат дека околу 2500 цивили го изгубиле својот живот. Последици од бројните бомбардирања имаше и врз психофизичкото здравје на српските граѓани, вклучувајќи драстично зголемување на случаи со рак, туберкулоза, депресија и самоубиства.

На 9 јуни 1999 година се потпиша Кумановската спогодба со којашто се стави крај на бомбардирањето од страна на НАТО врз тогашната СР Југославија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот