Вучиќ му одржа лекција на регионот како се справува држава со акутна криза

img alt
Еди Рама, Александар Вучиќ и Зоран Заев / Фото: EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

Српскиот претседател Александар Вучиќ не е омилена личност во регионот, и за тоа има повеќе причини. Начинот на кој Вучиќ ја води Србија во последната деценија оди по линијата на авторатаризам и мека диктатура, и тоа е нотирано од меѓународните извештаи.

Вучиќ е разбирливо омилен балкански политичар кај кинеските и руски елити, додека западните политичари го сметаат за нужно зло и соработуваат со него во рамки на нормалата. Српскиот претседател дефинитивно има проблем со демократските стандарди и за тоа прашање нека решаваат српските гласачи, но Вучиќ од друга страна покажува изворедна ефикасност во менаџирањето на кризи.

Корона пандемијата го фати светот неспремен, пред налетот на брзо растечката зараза паднаа големи економии и здравствени системи, како италијанскиот, британскиот, шпанскиот, американскиот, а последна земја во низа е досега добростоечката Германија.

Од тука не би навлегувал премногу во слабостите на српскиот здравствен систем кој во голема мерка е сличен со македонскиот, иако има и одредени разлики. Српските експерти признаа дека лажно ја прикажувале бројката на починати на почетокот на кризата лани, додека во земјава властите се обвинуваат дека пријавуваат и повеќе починати од што треба.

Србија имаше и големи здравствени кризи како онаа во Нови Пазар, но крајните бројки на смртноста, бројот на заразени и направени тестови ги става во слична позиција Србија и Северна Македонија. Но кога зборуваме за новата фаза во борбата против пандемијата, за имунизацијата, тука веќе српските власти се одвојуваат од просекот на регионот и убедливо застануваат на чело на колоната.

Албанскиот премиер Еди Рама призна дека набавил само 1000 вакцини од Фајзер по “непознати” канали, Грција со масовна вакцинација почнува од 20 јануари а досега се вакцинирани 49.000 луѓе. Во другата членка на ЕУ, Бугарија процесот исто така оди споро со првите 2400 дози од вакцината на “Модерна”.

Досега во Бугарија се вакцинирани 17.000 луѓе со вакцината на “Фајзер”. Незадоволен од европските регулативи и неодобрувањето на други вакцини, Унгарскиот премиер Виктор Орбан се закани дека неговата земја ќе набави кинеска вакцина за да почне помасовна имунизација.

Во Македонија се уште нема стигнато ни една вакцина, а властите најавуваат први количини на почетокот на Март, но сепак први ќе стигнат 8.000 вакцини од соседна Србија која доби нова пратка од 20.000 вакцини од “Фајзер”.

Претходно кај северниот сосед стигнаа и еден милион кинески вакцини, други 25.000 дози на “Фајзер” и 2.400 дози на руската вакцина “Спутњик”. Досега Србија вакцинираше преку 20.000 луѓе а со новите дози тој процес значително ќе се забрза. Треба да се каже и дека Србија е веројатно една од ретките земји во светот ако не и единствена каде граѓаните можат да бираат со која вакцина сакаат да се вакцинираат. Кога ги споредуваме напорите на земјите во најновата борба за вакцини треба да се спомене дека Србија не е членка ниту на ЕУ, ниту на НАТО, како што се останатите земји.

Српскиот претседател Вучиќ во овој случај се потпира на својата досегашна стратегија на одржување на односи и со истокот и со западот, слично на стратегијата на Јосип Броз Тито во поранешната Југославија. При тоа Србија не бара да стане членка на НАТО но влезена е во преговори со ЕУ, но во исто време официјален Белград одржува добри економско – политички врски со Москва и со Пекинг.

До сега стратегијата на Вучиќ се покажува како функционална, бидејќи западните демократии го гледаат српскиот претседател како фактор на стабилност во регионот и човек кој ги држи работите под контрола. Во исто време тврдите националистички струи во Србија се маргинални а Вучиќ покажа доблест и да отиде во Сребреница и не се повлекува од преговорите со косовските Албанци за статусот на Косово.

За истокот пак Вучиќ преставува врата за влез на Балканот и во Европската унија на рускиот и кинескиот интерес. Вучиќ пак добро ги знае мотивите и интересите на двата геополитички контексти и добро ги користи за позиционирањето на својата држава. Секако дека е прашање дали демократскиот дефицит на владеењто на Вучиќ нанесува поголема штета од корист која државата ја добива со својата позиција, но историјата и тука има различни примери и епилогот ќе зависи од повеќе фактори.

Како владеењето на Вучиќ ќе се одрази на српската економија, како ќе се одрази врз науката и образованието, дали младите српски граѓани ќе останат во државата или спасот ќе го побараат на западот, и тие ефекти ќе ги видиме во иднина.

Но сега во моментов светот е преокупиран со борбата против пандемијата и додека и поголемни земји се мачат со обезбедувањето на вакцини српската влада успеа да донесе вакцини од сите можни извори, и западни и источни во исто време на своите граѓани да им понуди избор. Податоците покажуваат дека Србија успеала на време да влезе во сите рани механизми за набавка на вакцини и соседот на време уплатил средства и за Ковакс механизмот, но српските представници навремено преговарале и со директните производители.

Во септември лани во Србија се спроведуваше и клиничко тестирање на една од кинеските вакцини па сега не е ни чудо што Пекинг прати дури милион дози. Едноставно Александар Вучиќ на сите соседи им покажа како се води реал политика во време на криза, и за неговите набавки на источни и западни вакцини нема да му забележи никој, ниту неговите граѓани, ниту западот ниту истокот. Северна Македонија, Косово и Босна и Херцеговина за тоа време остануваат меѓу единствените земји во Европа каде вакцинацијата сеуште не е почната.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот