Вучиќ: Не мислам дека Србија ќе го признае Косово, но отворени сме за дијалог

Српскиот претседател Александар Вучиќ во интервјуто за виенскиот дневен весник „Стандард” говорејќи за решавањето на косовскиот прашање направи паралела со случајот Македонија и гаранциите на ЕУ во решавањето на косовското прашање.

– Не мислам дека Србија ќе го признае Косово, но не можеме да ја затвориме вратата на дијалогот. И двете страни мораат да загубат, за да постигнеме вин-вин ситуација. Не може една страна да добие сè – и признавање и наша територија и луѓе. Што ќе добиеме ние? Можно членство во ЕУ за десет години? И кој тоа би ни го гарантирал? Дали тоа ќе биде истата гаранција каква што доби Северна Македонија, на која и беше ветено отворање на пристапните преговори- истакна Вучиќ.

Кога станува збор за блокирањето на почетокот на пристапните преговори на ЕУ со Северна Македонија и Албанија од страна на Франција, Вучиќ посочи дека тоа во Србија ќе доведе до намалување на популарноста на Унијата и намалување на довербата во Брисел.

– Сепак, како и да е, се надеваме дека Емануел Макрон од аспектот на Франција работи за иднината на Европа. Ние да се грижиме самите за себе. Мора да ги решиме односите во регионот и исто така да имаме добри односи со Кина, Русија и Турција- наведе Вучиќ.

На прашањето дали станува збор за „План Б”, Вучиќ истакна дека нема таков план, но дека нема да почне да плаче, ниту да штрајкува со глад пред институциите во Брисел за да отвори едно, две или три поглавија.

– Јас не сум сонувач, туку многу рационален, кажа тој, додавајќи дека не можеме повеќе да зборуваме само за замор од проширувањето на ЕУ, туку сега станува збор и за избегнување на каков било прием на нови држави во догледно време. Затоа, сега треба да се грижиме за нас самите и да се концентрираме на достигнување на четирите слободи – слободно движење на стоки, капитал, лица и услуги – во регионот. Во моментов ни требаат пасоши ако патуваме во Тирана или Скадар. До крајот на годината, ќе можеме да патуваме само со лична карта- ја објасни Вучиќ иницијативата за „мал шенген” договорена со премиерите на Северна Македонија и на Албанија во Нови Сад.

Вучиќ истакна дека целта е повеќе да нема гранични контроли, додавајќи дека тоа нема лесно да се постигне.

– Во исто време, мора да ги укинеме бариерите и пречките за транспорт на стоки на границите, бидејќи со тоа може да заштедиме повеќе од седум проценти од оперативните трошоци. Работиме на тоа работните дозволи издадени во Албанија да се валидни и во Србија- додаде српскиот претседател, оценувајќи дека е разумна таквата царинска унија да се постигне до крајот на 2022 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот