Вучиќ: Каде што доаѓаат Американците, таму има работни места

Фото: EPA-EFE/ANDREJ CUKIC

„Србија немала толку важни договори со Соединетите држави уште од 1881 година“

Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ и главниот извршен директор на Меѓународната корпорација за финансии и развој во САД (ДФЦ), Адам Болер, потпишаа заедничка изјава, ветувајќи дека ќе го спроведат договорот од 4 септември постигнат во Вашингтон од страна на Косово и Србија.

За време на церемонијата на потпишување на изјавата тие симболично, од далечина преку видео врска, го означија и отворањето на канцеларијата на Американската меѓународна корпорација за финансии и развој во Белград.

По потпишувањето на изјавата, на прес-конференција и српскиот претседател Александар Вучиќ рече дека Србија ќе ги спроведе обврските и договорот од Вашингтон.

Овој ден го окарактеризира како важен ден за трговската соработка меѓу Србија и Соединетите држави велејќи дека Србија немала толку важни договори со Соединетите држави уште од 1881 година.

Вучиќ изјави дека земјата во која сакаат да инвестираат Американците има иднина.

„Апсолутно сум убеден дека можеме да постигнеме големи резултати со нашите американски пријатели. Ова е добар ден за Србија. Каде што Американците сакаат да инвестираат, каде што е американската агенција за развој, има работни места. Горди сме што нивната канцеларија се отвора во Белград“ рече тој.

Српскиот претседател е убеден и дека по тешките разговори Србија ќе ги исполни сите обврски од договорот со намера Србија да ги развива економските односи со партнерите од Западен Балкан.

„Ние сакаме да имаме четири големи слободи, слобода на движење на луѓе, стоки, услуги и капитал. Тоа ќе ја смени атмосферата во регионот и ќе ги подобри животите на луѓето“ додаде Вучиќ.

Говорејќи за договорот за економска нормализација постигнат на 4 септември, шефот на ДФЦ, Адам Болер рече дека овој договор е сигнал дека регионот треба да гледа кон иднината.

„Договорот потпишан во Вашингтон на 4 септември не само што е историски, туку е знак дека регионот нема да заглави во минатото, туку ќе гледа кон иднината. „Канцеларијата на ДФЦ во Белград го покажува нашиот интерес за целокупниот економски развој на овој регион“, рече тој.

Претходно претставниците на стопанските комори на Косово и Србија кои имаа состанок во резиденцијата на американскиот амбасадор во Белград, Ентони Годфри, објавија дека се согласиле да формираат работна група. Таа група ќе им помогне на владите на двете земји да ги спроведат нацртите на договорот од Вашингтон на 4 септември, и ќе обезбеди поддршка за имплементација на проекти за инфраструктура, енергија и создавање работни места.

На состанокот присуствуваа директорот на корпорацијата, Адам Болер, специјалниот пратеник на американскиот претседател за дијалог Косово-Србија, Ричард Гренел, амбасадорот Годфри, претставници на коморите на Косово и Србија, Берат Рукиќи, Марко Чадеж и претседателот на Американската Комора во Србија, Зоран Петровиќ.

Главниот извршен директор на Меѓународната корпорација за финансии и развој во САД, Адам Болер, рече дека Косово и Србија со договорот за економска нормализација се докусираат за доброто на народот, а не на политиката.

„Сакам да изразам голема благодарност до Приштина и Белград што донесоа одлука за доброто на луѓето, а не на политиката, бидејќи, на крајот на краиштата, економската нормализација значи инвестиции. Ова не е ситуација кога една земја губи, а друга победува“, рече Болер.

По средбата, претседателот на Стопанската комора на Косово, Берат Рукиќи рече дека договорот постигнат во Вашингтон на 4 септември за економска нормализација е важен договор за Косово и Србија, како и за регионот на Западен Балкан.

„Политичките теми не обезбедија инвестиции и отворање нови работни места. Она што ќе го сториме е да се фокусираме на приоритетите на економските проекти и на многу други“, рече Рукиќи.

Во меѓувреме, првиот човек на Српската стопанска комора, Марко Чадеж, рече дека ќе се докаже дека договорот постигнат во Белата куќа донесе стабилност на регионот.

„Сега имаме заеднички тим за поддршка на проектите и да им дадеме експертиза на нашите влади за спроведување на проектите“, рече Чадеж.

Претставникот на американскиот претседател за дијалог, Ричард Гренел, рече дека американскиот претседател Доналд Трамп ги става економските прашања на прво место, во однос на Косово и Србија.

„Не би биле тука ако не беше претседателот Доналд Трамп, кој веруваше дека може да се направи нешто поразлично и кој верува дека економијата треба да биде на прво место“, рече Гренел и додаде дека државата не создава работни места, туку приватниот сектор.
„Она што го направивме во Вашингтон е прекрасно, но не е сè, ние сакаме да не повикате на одговорност и она што е на хартија мора да се врати на работа“, додаде Гренел.

Американскиот амбасадор во Србија, Ентони Годфри, ја опиша посетата на американската делегација како сигнал за силата на договорот од Вашингтон со кој, како што рече ќе се подобрат трговијата, комуникациите и ќе се подобрат стандардите на луѓе кои живеат во регионот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот