Вториот фронт на Америка

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Водена од својата нетрпеливост кон комунистите во Пекинг, претседателката на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес со посетата на Тајван непотребно ги заостри и онака тешките односи со Кина

Беше тоа триумф на американската дипломатија, која покажа дека законодавната власт не ја слуша извршната, но и надворешнополитичко фијаско со можни далекусежни последици. Така најкратко кажано би гласен описот на заминувањето на претседателката на Претставничкиот дом на американскиот конгрес Ненси Пелоси на Тајван.

Во едно од своите многубројни интервјуа Пелоси изјави дека кога тргнува кон Капитол хил, на себе става оклоп и за појадок ги гризе ноктите. „Знам како да примам удари“, изјави за Си-ен-ен.

Тогаш, тактички, избегна да каже дека умее и да задава удари. Прашајте го Доналд Трамп: многу нивни судири се илустрација како го набивала на потпетици. Или кинескиот претседател Сји Ѓинпинг, кого систематски го напаѓа поради авторитарноста и непочитувањето на човековите права.

Последниот што дојде на ред да прими удар од 82-годишната баба, демократка од Калифорнија, беше нејзиниот партиски колега, притоа и претседател на Соединетите Држави: Џозеф Бајден. Иако шефот на Белата куќа се воздржуваше да ги коментира нејзините планови да го посети Тајван, сета сила на дипломатите, стратезите и аналитичарите предупредуваа на штетните последици од таквото патување во момент кога американско-кинеските односи се на историски минимум. „Американската војска смета дека тоа не е добра идеја“, беше соопштено во Пентагон.

Од Тјенанмен до Тајпеј

Во историјата на Америка, Пелоси е првата жена што е претседателка на Претставничкиот дом, што е исклучително моќна позиција, не само што е втора во линијата за наследување на претседателот туку и поради тоа што ја задвижува законодавната агенда на владејачката партија.

Од раните денови на својата кариера таа е позната како остар критичар на комунистичка Кина. Една видеоснимка што се појави на социјалните мрежи ја прикажува како во почетокот на деведесеттите години од минатиот век развива продемократски транспарент на пекиншкиот плоштад Тјенанмен, пред да ја набркаат полицајци.

Нејзиниот активизам не е случаен. Во областа на Сан Франциско која ја претставува, живеат многу Азијци, вклучувајќи кинески дисиденти, Тајванци и тибетански националисти. Застапувајќи ги своите либерални ставови, Пелоси убедливо победува, а нејзината блискост со Далај Лама, чест гостин во нејзиниот дом, одамна предизвикува негодување од Пекинг.

Нејзиниот краткотраен престој на Тајван, во рамките на турнејата низ Југоисточна Азија, сепак, беше врвниот предизвик за комунистичкиот режим, кој го смета Тајван за своја територија и со децении се раководи согласно политиката за „една Кина“.

Вашингтон, од една страна, ја прокламира таа политика, која фактички го делегитимизира суверенитетот на Тајван како независна нација, а од друга страна Законот за односите со Тајван вели дека САД „ќе му обезбедат на Тајван такви одбранбени предмети и одбранбени услуги во количества што би биле неопходни за да ги сочува самоодбранбените капацитети“.

Непоколеблива посветеност

Претседателот Бајден претпазливо се обиде да ја предупреди Пелоси на опасностите за да може да го зачува тој стратегиски баланс кон Кина и Тајван во времиња кога приоритетите на американската надворешна политика се префрлени за Индопацифичкиот регион, а Кина е означена како најголем американски ривал.

Но, кога Пекинг имплицитно се закани со воен одговор на посетата, повеќе немаше начин да се запре Пелоси. Вашингтон и војската на САД беа принудени да ја штитат. Патувањето ја уништи стратегиската двосмисленост, која Вашингтон ја практикуваше толку долго.

Кога стаса во Тајпеј, Пелоси вети американска „непоколеблива посветеност на поддршката на вибрантната тајванска демократија“, практично вовлекувајќи го Вашингтон во судир. Попусто помошниците на Бајден го истакнуваа фактот дека посетата на спикерката на Тајван не е невообичаена и потсетуваа дека во исто својство таму патуваше и Њут Гингрич во 1997 година. Но, тоа беа друго време и друга Кина.

Пекинг соопшти дека нема да дозволи дипломатскиот инцидент да помине тукутака и побрза да испрати сигнал колку е сериозен, па вистинските потенцијали на конфликтот избувнаа откако Пелоси веќе го напушти Тајпеј. Кинезите покренаа низа поморски маневри со боева муниција во морето околу Тајван, вклучувајќи и во акваторијата што Тајван ја смета за своја.

Безобѕирно патување

Последната работа што ѝ е потребна на Америка е да отвора фронт со Кина по оној во Украина со Русија. Бајден и неговиот советник за национална безбедност имаа серија многу тврди разговори со кинеското раководство, предупредувајќи колку би било опасно Кина да се вклучи во украинскиот конфликт давајќи ѝ воена помош на Русија, особено сега кога арсеналите на претседателот Владимир Путин по пет месеци војна се значително испразнети.

Бајден на претседателот Сји Ѓинпинг лично му пренесе дека во тој случај Кина ризикува да ги изгуби своите два најголеми извозни пазари – САД и Европската Унија. Пекинг даде уверувања дека на Русите нема да им дава воена помош.

А, тогаш се појави Пелоси, која со својата провокативна посета ја разоткри необичната нефункционалност на американската демократија: претседателот демократ не може да ја спречи претседателката демократка на Претставничкиот дом да оди во посета за која се знае дека ќе ги загрози националните интереси и безбедноста.

Пелоси веројатно уште еднаш успеа со својата нетрпеливост кон комунистите во Пекинг да ги маѓепса своите кинески избирачи во Сан Франциско, но тоа беше непотребен тест на кинеските апетити за конфронтација, од кој најголеми штети ќе имаат бизнисот, трговците и инвеститорите. „Безобѕирното, опасно и непотребно патување“, како што го оквалификува познатиот колумнист на „Њујорк тајмс“ Томас Фридман, отвори уште еден фронт во светот, кој има веќе премногу геополитички и економски тензии.

Да се биде во исто време на два фронта против две глобални спротивставени сили би била непростлива геостратегиска грешка на САД.

Авторот е новинар.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот