Вториот ден од собраниската расправа за ребалансот на Буџетот заврши со меѓусебни обвиненија

Со реплики и контрареплики помина и вториот ден од дебатата во Собранието за ребалансот на Буџетот. Пратениците од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ меѓусебно се обвинуваа околу реализацијата на капиталните инвестиции, странските инвеститори, проектот „МојДВВ”, како и околу тоа кој колку вложувал во културата. Во попладневниот дел од расправата стана збор и за проектот „Скопје 2014″.

Пратениците од СДСМ оценија дека ребалансот на Буџетот е развоен и оти повеќе пари ќе се слеат кон граѓаните и кон бизнисот со што ќе се поттикне и раст на економијата. Според нив, сите показатели на меѓународните институции покажуваат дека државата добро напредува. За проектот „МојДДВ” посочија дека и во времето на ВМРО-ДПМНЕ биле организирани наградни игри за да се подобри фискалната дисциплина и да се намали сивата економија.

– Оваа Влада се грижи за потребите на граѓаните. Се инвестира во надземната инфраструктура, во водоводи и канализации наместо во споменици од проектот „Скопје 2014″, порачаа пратениците од СДСМ.

За ВМРО-ДПМНЕ, ребалансот на Буџетот нема развојна компонента, а не се реализирани и капиталните инвестиции. Критики упатија дека се зголемува јавниот долг и дека се кратат средства во образованието, културата, инфраструктурата и животната средина.

– Ние континуирано одиме во пад на економијата, рече Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ, според која предложениот ребаланс е еден од оние во кој грешно се пренасочени и алоцирани средствата.

Расправата продолжува утре, а според Деловникот за работа на Собранието, дебатата за ребалансот може да трае најмногу пет дена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот