Втора македонска општина во регионален проект: Општина Штип доби 30 нови контејнери за стакло

Фото: mia.mk

Поставени се 30 нови контејнери за одложување на стакло во Општина Штип, како дел од регионалниот проект „Управување со отпад од пакување од стакло во Западен Балкан”. Штип е втора македонска општина која е вклучена во проектот чија цел е зајакнување на отпадната инфраструктура и за подигнување на свеста за рециклирање на стаклото како амбалажен материјал. Заедно со општина Илинден, како дел од овој проект, досега се поставени околу 90 контејнери.

Регионалниот проект „Управување со отпад од пакување од стакло во Западен Балкан”, во нашата земја се реализира со поддршка на Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ), „Пакомак“ и Заедницата на единиците на локалната самоуправа (ЗЕЛС), а истовремено тој се спроведува уште во две балкански држави – во Србија и во БиХ.

Главната цел на проектот е, преку соработка и воспоставување на синџир на вредности за селективно одложување и рециклажа на отпад од стакло, да дејствува кон едуцирање на граѓаните за важноста за селектирање на стаклото, зголемување за 20 проценти на собраните количини на стакло споредено со 2020 година, спроведување на обука за јавните комунални претпријатија, како и развивање три нови бизнис модели со кои ќе се поттикнат општините да го најдат најефикасниот модел на собирање стакло и негово рециклирање.

– Зголемениот број контејнери за стакло ќе им помогне на жителите на Штип полесно да го одложат нивниот стаклен отпад, а истовремено се надеваме дека ќе придонесе и за зголемување на интересот за учество во рециклажниот процес. Од другата страна, Општината добива можност за полесна контрола на собирањето на стакло на краток рок, а потоа и да го употреби стекнатото знаење за да изготви ефикасна стратегија. Сега веќе е реалистично дека со заеднички труд, набрзо ќе успееме да ги елиминираме дивите депонии каде стаклото се исфрла како отпад, наместо да се рециклира и да се реупотреби како суровина, изјави градоначалникот Сашко Николов.

Преку активната едукација, денес стаклото се смета за еден од главните рециклажни материјали, што може да се употребува повеќе пати поради неговите уникатни карактеристики. Притоа, рециклирањето е преферираното решение за веќе употребеното стакло, поради тоа што со овој процес се заштедуваат 40 отсто од ресурсите потребни да се создаде ново стакло.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот