Втора кралска абдикација
Од први октомври годинава Британија стана првата високоразвиена земја што го укина јагленот. Ја затвори и последната електрана на јаглен. Готово. Нема повеќе. Абдикацијата на „Кралот Јаглен“ е конечна.
Пред сто и четириесет години, Велика Британија беше прва. Не само лидер во регионот, туку и во светот. Каква револуција беше тоа, невидена, сите очи беа свртени тука, зашто оваа земја ја отвори првата топлана на јаглен и така почна, всушност, индустриската револуција. Пред сто години беше донесен и закон со кој беше воспоставена првата електрична мрежа во земјата, британската електродистрибуција. Во шеесеттите години од минатиот век низ земјата работеа повеќе од 170 електрани на јаглен. Хидроцентралите никогаш не беа значителен дел од британското снабдување со енергија, јагленот беше главен. Во осумдесеттите години, поточно во 1984 година штрајкуваа речиси три четвртини од рударите од јагленокопите, време кое потоа беше одбележано со дузина документарни и играни филмови. Тие зборуваа за судбината на рударите кои работниот век го минуваа под земја, а потоа и скусениот животен век ги носеше таму, ама засекогаш. Идејниот творец на кавгата со рударите беше тогашната премиерка Маргарет Тачер, па за генерации потоа беше озлогласена. Или идол, како на пример на Борис Џонсон и повеќемина конзервативци, кои се побунија кога премиерот Киер Стармер го тргна нејзиниот портрет од канцеларијата – му беше шубе да му виси над глава…
На почетокот од деведесеттите, јагленот и натаму беше насекаде. За разлика од Франција, нуклеарките тука никогаш не станаа доминантен енергетски извор. Јагленот беше Крал. Но, потоа почна почетокот на крајот. Се покажа дека гасот од Северното Море е поевтина и почиста алтернатива. А потоа Европската Унија во која тогаш беше и Обединетото Кралство, воведе данок на јаглерод за производителите на енергија, а Британија во 2013 година самата воведе дополнителен данок. Уште во време кога тивко и срамежливо беше спомнувано глобалното затоплување, експертите докажаа дека горењето јаглен е штетно и за природата и за здравјето.
Јагленокопите и централите со јаглен го загадуваат воздухот, произведуваат т.н. „кисели дождови“ и ги загадуваат и водите и земјиштето со жива. Во Британија, „големиот лондонски смог“ во 1952 година однесе најмалку 12.000 животи и го означи почетокот на големата акција за намалување на користењето јаглен како извор на енергија. Не одеше сè брзо. Бродовите, возовите, котлите и другите машини се префрлија на нафта и гас, ама јагленот и натаму ги вртеше турбините на електраните. Сè до пред некоја недела.
Од први октомври, 2024 година, Британија стана првата високоразвиена земја што го укина јагленот. Ја затвори и последната електрана на јаглен. Готово. Нема повеќе. Ги нема веќе оџаците што чадат согорувајќи го јагленот, колку и квалитетен да бил (попусто филтри, отровите не се филтрираат).
Рударите што влегуваат во рудникот со традиционалното „среќно“, канаринците во кафези, исчадените лица на крајот на работниот ден, останаа во историјата. Дојде времето на гасот, сончевата енергија и ветрот. Уште малку јаглен ќе се повртка некоја година (2%), да се дотрошат резервите ли, што ли, кај топилниците за челик, но абдикацијата на „Кралот Јаглен“ е конечна.
И малку веројатно е, или да бидам конкретна, неверојатно е јагленот пак да се врати, времето не е на негова страна. Што не можеше да не ме потсети на првата кралска абдикација, на Едвард Осми, (подоцна познат како војводата од Виндзор), кој мораше „да поднесе оставка“ на престолот, да абдицира, бидејќи се вљуби во разведената и двапати претходно мажената, плус и Американка (значи не наша), Волис Симпсон. Да беа Едвард и Волис сега, никој од кралската машинерија немаше да може да „има забелешки“ и немаше да има абдикација. Кралското семејство ќе беше сосема поинакво. Но, вака како што сега стојат работите, од Едвард на Џорџ, од Џорџ на Елизабета, од Елизабета на Чарлс, имаме крал што е оженет за својата љубовница со која беше додека беше женет за Дијана. Имаме кралска принцеза (Ана) која двапати се мажеше. Имаме принц што се ожени за Американка, додуша само еднаш разведена (Хари и Меган).
И имаме дузина афери и аферички, на чело со братот на кралот (Андрју) за кого уште е неизвесно дали имал или немал секс со малолетнички додека се дружел и му бил на гости на осудениот сексуален предатор Џефри Епстин. Имаме и бракови со „обични луѓе“, од неаристократско или кралско потекло, како на пример со рагбисти, со разведени бадијалџии, врски со неразведени, имаме… вие спомнете, ние тука имаме. Други времиња, други кралски правила.
Морав да побарам на интернет за да дознам колку е тоа три инчи. Британците, и покрај тоа што се префрлија на метричкиот систем, никако да се откажат од инчи, јарди, фунти (за тежина, не пари), пинти и слично. Ние дојденците, натурализираните, се снаоѓаме. Па, така, три инчи се 7.62 центиметри. Една стапка е 0.3048 метри, еден инч е 25.4 милиметри. Една стапка има 12 инчи, а еден јард има 36 инчи, а јардот е 0.9144 метри. Но, тоа не е сѐ.
Тука се и стоунсите, односно „камењата“, мерка за тежина. Еден „камен“ тежи 6.350293 килограми. Не знам што е полошо, да ти кажат колку килограми имаш или колку камења тежиш? Килограмите како бројка се поголеми, а камењата главно двоцифрени, ама тежина си е тежина… Јас лично, долго се мислев во што да се мерам, па конечно – кренав раце. Поздраво е.
И враќајќи се пак на абдикацијата на Кралот Јаглен и на трите инчи, оние што се занимаваат со наука утврдија дека за толку е поплитка земјата британска. Што ќе рече дека за време на индустриската револуција, копањето јаглен површински и длабински ја истенчило земјата за три инчи. Британија е поплитка за 7.62 центиметри. Колку ја тенчи и истенчува земјата (финансиски) другиот крал и семејството, има спротивставени мислења. Антимонархистите велат – 510 милиони фунти годишно, другите – 150 милиони фунти. Плус кралски приходи од изнајмен имот, од бизнис со кралски имот, од она што сите ние тука плаќаме на монархијата преку данок. Интересно, официјална бројка нема. Не успеаја да откријат ниту оние што се занимаваат со наука.
(Авторката е новинарка)