Втор круг од претседателските избори во Молдавија: Санду ја брани предноста во однос на „тројанскиот коњ“ на Москва

За Санду велат дека ја монополизирала агендата за ЕУ - Фотографија ЕПА, Думитру Дору

Санду веќе го достигнала својот максимум и има поголеми проблеми да привлече уште осум проценти од избирачите, отколку Стојаноглу да добие двојно повеќе гласови отколку пред две недели

Прозападната претседателка на Молдавија се соочува со тежок предизвик да ја задржи функцијата, иако во првиот круг од претседателските избори освои убедливо најмногу гласови.

Маја Санду, која пред две недели освои 42 отсто од гласовите, во вториот круг се соочува со поранешниот јавен обвинител Александр Стојаногло, кој во првиот круг освои едвај 26 отсто. Но, Стојаногло утре смета и на гласовите од Молдавците што во првиот круг се определија за другите проруски кандидати. Толкувајќи ги резултатите од првиот круг и од анкетите, аналитичарите укажуваат дека Санду веќе го достигнала својот максимум и има поголеми проблеми да привлече уште осум проценти од избирачите, отколку Стојаноглу да добие двојно повеќе гласови отколку пред две недели.

Педесет и двегодишната поранешна советничка во Светската банка е цврсто решена да ја води поранешната советска република по долгиот пат во членство во Европската Унија, особено откако во јуни Брисел потврди отворање пристапни преговори. Ако се има предвид дека дури 60 до 80 отсто од Молдавците на неодамнешни анкети се изјасниле дека се за иднина во ЕУ, се очекува на изборите тоа да биде потврдено со нејзина убедлива победа. Но, и во првиот круг се покажа дека Санду е соочена со добро организирана опозиција, поради што не успеа да добие 50 отсто од гласовите за да победи уште во првиот круг. На претседателката не ѝ помогна ни тактичкиот потег изборите да се поврзат со необврзувачки референдум за вградување на европската определба во Уставот. Референдумот помина со тесно мнозинство од само 10.564 гласа, но Санду ги пречека резултатите со разочарување и со жалби дека опозицијата масовно купувала гласови, со поддршка од „надворешна сила“. Санду во кампањата го опиша својот противник како „тројански коњ“ уфрлен во трката за да ги штити надворешните интереси.

Стојаногло е кандидиран од Социјалистичката партија, која е традиционално поврзана со Москва. Тој беше еден од низата проруски кандидати, како дел од стратегијата против елиминација на единствен кандидат. Во кампањата Стојаногло изјави дека би се залагал за членство на Молдавија во Европската Унија, но и дека ќе ги развива односите со Русија, заради националните интереси. Тој најави дека ќе се бори против „поделбите што ги создала Санду“, дека ќе се залага за приближување до сепаратистичкиот регион Трансднистрија, па и дека лично ќе се сретне со рускиот претседател Владимир Путин.

– Со години не сум имал контакти со функционери во Русија, ни по телефон, ни тајно, на средби, никаде – изјави Стојаногло.

Санду, пак, го повтори тврдењето од пред две недели дека Илан Шор, кој се крие во Русија за да не отслужува во Молдавија затворска казна за кражба на 1 милијарда долари од банкарскиот систем, организирал подмитување на 300.000 гласачи во Молдавија, што е речиси 10 отсто од гласачкото тело.

Ако навистина постои таква шема и ако зад него се обединат и Молдавците што во првиот круг гласале за другите проруски кандидати, Стојаногло во вториот круг би можел да се надева на околу 850.000 гласови. Санду, за споредба, во првиот круг освои 650.000, при одѕив од 50 отсто, поттикнат и од паралелното гласање на референдумот.

Аналитичари укажуваат дека наспроти мешањето, Санду се соочува со реално голема опозиција во Молдавија.

Раду Бурдуџа од Евроатлантскиот институт за градење капацитет тврди дека „гласачите чувствуваат дека Санду ја монополизирала агендата за ЕУ“, отфрлајќи ги другите проевропски политичари. Тоа, заедно со мешањето, ја објаснува тесната разлика на референдумот, иако повеќе од 60 отсто од граѓаните поддржуваат интеграција во ЕУ.

– Идејата на референдумот беше да го искористат за да добие Санду повеќе гласови. Се случи всушност спротивното, лошиот рејтинг на нејзината партија ПАС го загрози референдумот – оценува Бурдуџа.

Политичкиот аналитичар Виталиј Андриевски додава дека евентуалниот успех на Стојанголо ќе создаде добра основа за победа на проруските партии на парламентарните избори на пролет в година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот