Втор круг: Од каде ќе црпат гласови Арсовска и Шилегов?

Петре Шилегов Данела Арсовска
Петре Шилегов и Данела Арсовска / Фото: МИА

Падот на поддршката за СДСМ во Скопје може, но не мора да значи дека на Арсовска ѝ е осигурена победата. Таа, со поддршка од најголемата опозициска партија, сепак освои за 15.815 помалку гласови одошто кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ на претходните избори Коце Трајановски.

Со наближувањето на датумот на вториот круг на локалните избори, политичкиот фокус се префрла на исходот на изборите во Скопје, каде што силите ќе си ги одмерат само кандидатот на СДСМ и коалицијата Петре Шилегов и независната кандидатка поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска.

Изборите за главниот град за СДСМ овој пат имаат посебна тежина, а тоа го покажува и изјавата на премиерот Зоран Заев, кој изјави дека тој и влада предводена од него, не можат да продолжат ако градот Скопје и другите општини, како што рече, „одат назад, во спротивен правец од Владата“.

Изборите на 31 октомври Заев ги оцени како избори на „сè или ништо“ за неговата партија. Неофицијално, ова се толкува како најава за негова оставка доколку опозицијата го добие градоначалничкото место во главниот град.

Во првиот изборен круг Петре Шилегов освои 77.852 гласа, а кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска – 85.657 гласа. Падот на поддршката за СДСМ во Скопје од речиси 80 илјади гласови во однос на локалните избори во 2017 година, како и разликата од околу осум илјади гласови во полза на Арсовска, може но не мора да значи и дека на Арсовска ѝ е осигурена победата. Таа на контото на опозициската партија сепак донесе за 15.815 помалку гласови одошто кандидатот на претходните избори Коце Трајановски, кој освои 101.472 гласа на скопјани.

– Постојат слободни гласачи што не гласале во првиот круг, кои можат да  направат разлика. На локалните избори во 2017 година, Петре Шилегов доби 140 илјади гласа, па дури и да претпоставиме дека сите гласови што во првиот круг беа дадени за независни кандидати нема да одат за него, сѐ уште и без нив има доволен потенцијал за победа во вториот круг. Но, да почекаме да видиме дали Шилегов ќе успее да ги извади тие граѓани на гласање и дали неговата кампања ќе биде доволна за да ги мотивира – вели аналитичарот Петар Арсовски.

Тој потсетувајќи дека и Перо Георгиевски, кандидатот на Левица, и Бени Шаќири, кој ја претставуваше коалицијата ЛДП/ДОМ во првиот круг на изборите за скопски градоначалник, повикаа да не се гласа за Шилегов.

– Барем дел од тие гласачи ќе го дадат својот глас за Арсовска, што во старт, заедно со 8.000 гласови водство во првиот круг, ѝ носи некои десетина илјади гласови предност – вели аналитичарот Арсовски.

Што се однесува до дилемата дали ДУИ ќе успее да мотивира доволен број гласачи за да излезат и да гласаат за Шилегов, Арсовски смета дека мнозинството сепак полесно би се одлучиле да гласаат за Шилегов одошто за Арсовска. Треба да се земе предвид дека во Сарај веќе има избран градоначалник во првиот круг и прашање е колку тамошните гласачи ќе бидат мотивирани да излезат на гласање во вториот круг.

Во настапот на ТВ 21 Зоран Заев оцени дека очекува околу 120 илјади гласови за Шилегов на 31 октомври бидејќи проценува дека гласовите за кандидатите како Шаќири и Ана Петровска не се гласови за опозицијата, и покрај тоа што Шаќири отворено кажа дека не би сакал да го види Шилегов повторно во градоначалничката фотелја.

– Бени Шаќири не е ВМРО, заедно сме уживале на заедничките митинзи, тој како музичар, јас како политичар. Ја имаме Ана Петровска, која покажа резултати и тргна да си ја работи работата, нема дилеми. Да – имаа несогласување во својата партија, па излегоа со „Зелен град“ и имаат 10.000 гласа. Тоа е мојот народ, тоа не се вмровски гласови. Тие имаат филозофија на верување кога гласале за таква програма. Еве ги 25-26 илјади гласови – искоментира Заев во студиото.

На прашањето од каде очекува дополнителна поддршка во вториот изборен круг, од изборниот штаб на Данела Арсовска добивме одговор во кој се вели дека ја очекуваат поддршката „од сите граѓани на Скопје на кои им е доста од тоа Скопје да биде град на ветувања“.

„Потребно е да се даде шанса на луѓе што не се од политиката да покажат дека може Скопје да е убав град на среќни луѓе. За мене Скопје не е политика, како што е за мојот противкандидат. За мене Скопје е град што може и мора да е поубаво место за живеење“, се вели во пишаната изјава на Арсовска.

Од „Зелен хуман град“ велат дека за нивната кандидатка Ана Петровска, скопјани гласале не затоа што се „нивни гласачи“, туку затоа што сакаат град кој е зелен, чист, хуман, пристапен и современ. Ги повикуваме и понатаму да продолжат да се придржуваат до тие свои принципи, додаваат од ЗХГ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот