Втор ден протести: Доколку не вродат со плод, ВМРО-ДПМНЕ ќе иницира институционални блокади

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ и денеска од 15 до 17 часот одржа протести со блокади на три локации во Скопје и во 10 градови низ земјава, преку кои побара увид во документот од преговорите со Бугарија. На протестот беше истакнато дека македонскиот идентитет, јазик и историја се поважни од сѐ.

Освен во Скопје, партијата организираше блокади и во Штип, Велес, Кочани, Прилеп, Струмица, Кавадарци, Охрид, Битола и Кичево.

Пратеникот Антонио Милошоски истакна дека ВМРО-ДПМНЕ ги организира блокадите поради, како што рече, „нетранспарентноста на власта и тајните преговори кој што двоецот Заев-Бучковски ги води со официјална Софија за сметка на интересите на Република Македонија, а поврзани со договорот за кој што Заев рече дека ги решил сите државни проблеми”.

– Очигледно е дека Заев лажел, Договорот со Бугарија не решил проблеми, туку создава нови проблеми и сега се бараат од Македонија нови отстапки и затоа сметаме дека не треба да се крие од јавноста што се преговара, туку да се соопшти на медиумите и на граѓаните кои се анексите кои што Софија инсистира да бидат дел од преговарачката рамка на Македонија со ЕУ, рече тој.

Во коментар на изјавата на министерот за надворешни работи Бујар Османи дека вратите на МНР се отворени за лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, Милошоски го повика министерот дојде во Собранието и пред пратениците да соопшти за што преговара со Софија.

– Министерот за надворешни работи, Бујар Османи може во МНР да го покани Никола Димитров за да имаат подобра координација, може да го покани Артан Груби или може да го покани Зоран Заев за да си разговараат за коалициските работи, но како избран од Собранието на Република Македонија, министерот Османи законски има должност пред Собранието да се појави тој и на пратениците како народни избраници да им објасни за што тајно се преговара во Софија и кој го овластил Бучковски да преговара нови анекси на Договорот со Бугарија, рече Милошоски.

Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски за ТВ Алфа потенцираше дека СДСМ на нетранспарентен начин преговара во име на граѓаните, а тоа значи дека нешто се подготвува, односно најверојатно Зоран Заев и Владо Бучковски подготвуваат ново предавство. ВМРО-ДПМНЕ нема да го дозволи тоа и токму преку ваквите блокади и протести ќе го искажува револтот и ќе се спротивставува на црните сценарија кои СДСМ на чело со Зоран Заев ги планира во наредниот период.

– Притисоците од страна на СДСМ секој ден се се поголеми и пожестоки, а показател за тоа се вчерашните случувања кои што се случија пред ТЦ Мавровка кога млад активист на ВМРО-ДПМНЕ беше физички нападнат и вербално навредуван од страна на полициски службеник, кој без никаква причина го приведе младиот Стефан кој сведочеше за нападите од страна на униформираните лица, додава Арсовски.

Доколку ваквите блокади не вродат со плод и власта да има слух за барањата на граѓаните, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе иницира институционални блокади, се со цел власта да биде разумна и да ги слуша барањата на граѓаните, а не да владее самоволието кое што е се повеќе видливо, истакна Арсовски.

– ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи да биде во служба на граѓаните и нема да дозволи да бидат изманипулирани и извисени од Зоран Заев и неговите соработници, токму затоа остануваме на улица се додека власта не откаже од намерата за ново предавство, завршува Арсовски.

Видео на денот