Врвни македонски и светски уметници ќе настапат на 44. Денови на македонска музика за симболичен надоместок

Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ) истовремено ја почна реализацијата на двете свои најстари и најзначајни манифестации – фестивалот 44. Денови на македонска музика и музичко-научната манифестација 45. Струшка музичка есен.

Програмата на 44. Денови на македонска музика беше отворена со концертот „Вруток“ и настап на младата пијанистка Инес Неделковска од класата на професорката Нина Костова Јаневска. Фестивалот ќе се одржи од 17 септември до 15 октомври и ќе опфати 13 настани.

– Со огромен труд, посветеност и љубов пристапивме кон организирањето на двете манифестации на Сојузот на композиторите на Македонија – најстари, најзначајни и единствени од ваков тип: фестивалот 44. Денови на македонска музика и музичко-научната манифестација 45. Струшка музичка есен.

Во најтешката и непредвидлива 2020 година, ДММ блесна во своето повторно раѓање. Успеавме да направиме фестивал на светско ниво, во три сезони, со огромен број големи и мали ансамбли, оркестри, жанровски разновиден, со големи имиња од светската и македонска сцена. И покрај сите околности, кои не ни одеа во прилог, го возобновивме сјајот и дадовме импулс за понатамошен развој и доверба. Таквото 43-то издание на фестивалот освои и нова публика, која имаше, со право, големи очекувања за она што следува.

За жал, ресорното министерство не беше со истото мислење. Оваа година, фестивалот ќе се одржи поради добрата волја на врвни македонски и светски уметници, кои за симболичен надоместок, настапуваат за да ги поддржат своите колеги од СОКОМ и ДММ, како и поради децениската и плодна соработка со најголемите национални, образовни и музички институции, кои ни излегоа во пресрет и оваа година, а и помошта од европските партнери – потенцира композиторката Дарија Андовска, уметнички раководител на ДММ 2021.

Дарија Андовска, уметнички раководител на ДММ 2021, и Валентина Велковска-Трајановска, претседател на СОКОМ

Во програмата на ДММ 2021 се предвидени концертите „Пулс плус“ со Антоние Весковски (ударни инструменти) и Елена Атанасовска (пијано), „Виртуози“ со Владимир Костов (виолина) и Марија Вршкова (пијано), „Албатрос“ со ансамблот „Икарус“ (Италија), „Лауреати“ со Даница Стојанова (пијано), Златица Митева (флејта) и Наташа Трбојевиќ (пијано), „Додола“ со Гонца Богоромова (сопран) и Марија Вршкова (пијано), „Chance-Dance music“ – за првпат во Македонија со музика создавана преку танцови движења и кореографија на Ивана Коцевска, заедно со Валентино Апостоловски и Џеф Кастело-Бранко (Белгија), концерт на оркестарот „L’art del mondo“ од Германија, „Јубилеи“ со студенти од Факултетот за музичка уметност во Скопје, „Гласови“ со гала-концерт со оркестарот и солистите на Националната опера и балет, „Запознајте го композиторот“ со композиторката Јана Андреевска и Нина Стефанова (модератор), „Дамари“ со мешаниот хор „Про Арс“ и Сашо Татарчевски (диригент), како и концерт на „КонТемпора“ (дувачки квинтет).

Што се однесува до музичко-научната манифестација 45. Струшка музичка есен стручната јавност ќе може да проследи 27 тематски осврнувања за состојбите и перспективите во македонската музичка култура. Освен грижата за тековното и актуелно творештво, посебно внимание е посветено на одбележување на јубилеите од раѓањето на композиторите Благоја Ивановски (100 години), Тома Прошев и Драган Ѓаконовски-Шпато (90 години) и Стојан Стојков (80 години), информираше Валентина Велковска-Трајановска, претседател на СОКОМ.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 97, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 18-19 септември 2021)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот