„Врие“ од фалсификувани дипломи во Македонија

Весна Јаневска/Фото: Слободен печат/ Слободан Ѓуриќ

Во Македонија постојат бројни случаи кога граѓани биле вработувани на работни места во државни институции со фалсификувани дипломи кои ги доставувале на огласите за работа откако претходно успеале да ги заверат и на нотар. Добар дел од нив поминуваат со отказ или условна казна што покажува дека фалсификувањето дипломи за да се дојде до работа не е приоритет на правната држава.

Архивата на Управниот суд во која „Слободен печат“ изврши „скенирање“ на состојбите, покажува дека во РЕК Битола се вработиле 15 лица со лажни дипломи за средно стручно образование за позицијата „ракувач на млин“, а биле осудени во 2022 година.

Имало и матичар вработен во Управата за водење матични книги, кого подоцна го презела Агенцијата за разузнавање да работи кај нив, а според судската пресуда до која дојдовме, немал валидно свидетелство за средно образование. Дури ни за наставниците по физичко не може со сигурност да се тврди дека „со пот“ дошле до дипломата, затоа што постои случај од 2020 година во чија документација имавме увид, а според кој жена поднела лажна диплома од Спортски универзитет во Албанија за наводно завршено високо образование по физичка култура, а потоа дури и дипломата ѝ била нострифицирана во Македонија и таа станала наставничка по физичко во Дебар.

Сепак, Универзитетот во Албанија ги известил македонските власти дека дипломата што ја нострифицирале не е веродостојна и така наставничката по физичко веднаш си дала отказ од работното место. Судот ја казнил условно, на барање на обвинителот.

За забележување е и тоа што вработените во РЕК Битола што имале фалсификати, доставувале фалсификати на кои имало впишано име и презиме на раководителот и на директорот на институцијата, печат од институцијата и деловоден број. Меѓутоа, кога во РЕК Битола почнале да проверуваат во средното училиште дали нивните вработени навистина се среднисти, имале што да видат, бидејќи средното училиште доставило известување дека такви дипломи, со таков степен на образование не биле издадени.

Постои и друга категорија на  македонски државјани, оние што студирале на приватни универзитети во регионот, добиле дипломи за магистер, но кога дошле во Македонија да ја нострифицираат дипломата не успеале, зашто дознале дека факултетот на кој студирале во странство работел без лиценца. Ова го покажува архивата на Управниот суд која ја разгледавме. Станува збор за факултети во Босна и Херцеговина.

Освен што фалсификуваните дипломи го урнисуваат општеството на начин што се доведуваат во заблуда работодавачите, тие се опасни и за угледот на образовните установи во државата и во регионот. Владата го препознава тоа и најавува промени. Премиерот Христијан Мицкоски минатата недела изјави дека се срами што негови колеги од соседството му предочиле дека во Македонија дипломи се добиваат преку ноќ. Но, ниеден универзитет не е посочен како пералница за дипломи.

– Се срамам, зашто и во Вашингтон и во Лондон кога разговарав со мои колеги, и едните и другите ми кажаа дека кај нас преку ноќ се добиваат дипломи. И ни прават проблем во нашите држави. Тоа не може да се случува повеќе. Особено што јас доаѓам од високото образование. Не може да се добиваат дипломи преку ноќ, тоа мора да се промени – вели Мицкоски.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска за „Слободен печат“ вели дека наскоро ќе се формира времено национално тело за реформа на високото образование.

– Телото допрва треба да се формира. Ќе побараме претставници од Националниот совет за високото образование, професори, студенти, претставници на работодавачите и коморите.

Ќе направиме едно тело со кое ќе раководам јас, чија основна функција ќе биде да се направи севкупно скенирање на податоците што ги имаме во Министерството, во Државниот просветен инспекторат и ќе преземеме мерки во однос на хиперпродукцијата на високообразовни установи.

Целта ни е да го подобриме квалитетот на образованието. Ќе ги проверуваме високообразовните установи во поглед на кадарот што го нудат, техничките услови што се исполнети или не се исполнети, задоволството на студентите. Повеќе фактори ќе се анализираат и ќе постапуваме по закон – вели министерката за образование Јаневска во изјава за „Слободен печат“.

Таа додава дека ако утврдат лажни дипломи, коишто не се реални, тогаш ќе ги информираат Јавното обвинителство и Финансиската полиција. Во Македонија има 40 универзитети, институти и високи школи кои, според Јаневска, недоволно испорачуваат квалитет. Дали на државата ѝ се неопходни 20 факултети по правни науки и 5 медицински факултети, е дискусијата што таа ја отвора. Премиерот Мицкоски вели дека универзитетите и факултетите кај кои ќе бидат констатирани недостатоци, ќе имаат рок да ги отстранат истите, а ако не го сторат тоа ќе ја загубат лиценцата за работа.

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во Македонија во академската 2023/2024 година се запишале 52. 316 студенти, што е намалување од 2,8 проценти споредено со претходната академска година. Најголем број студенти, 77,9 проценти се запишале на државните високообразовни установи, додека 22.1 процент се запишале на приватните високообразовни установи. На прва година на студии, во оваа академска година, се запишале 15.330 студенти или 29,3 проценти. Тука се опфатени и студентите што запишуваат прва година по втор, трет и повеќепати.

И Балканот не е имун на издавањето лажни дипломи. Во Босна и Херцеговина, Интернационалниот универзитет во Горажде го тресе скандал. Таму во март годинава беа уапсени шест лица осомничени за издавање фалсификувани универзитетски дипломи во соработка со италијанскиот професор од Сицилија, Џузепе Марија Месина кој се чини дека е мастермајнд на шемата, извести Проектот за организиран криминал и корупција (OCCRP).

Операцијата „Индекс“ ја откри босанското Обвинителство. Наводната шема вклучува добивање пари за лажни дипломи, меѓу другото и по медицина – за студенти што никогаш не се појавиле на факултетот за медицински науки бидејќи тој не ни постоел, односно немал акредитација.  Скандалот пукна кога медиумот Журнал ги објави лажните дипломи за „доктори по стоматологија“.

Осомничени се Едина Брутус, Дамир Жуга, Елма Брутус, Каја Имшировиќ, Хариз Беќировиќ и Мевлудин Јашаревиќ и тоа за незаконско издавање дипломи од Интернационалниот универзитет во Горажде за „студенти“ во Италија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Либија, Турција и пошироко, според Обвинителството на Босна и Херцеговина.

Според Обвинителството, на овој Универзитет се одвивал систематски процес за запишување на студенти во деловодните книги, фалсификување на резултати од испити, фалсификување на потписи од професори и креирање на целосни досиеја за купувачите на дипломите кои биле странски студенти. Иако знаеле дека овој Универзитет нема овластување да оперира надвор од Босна и Херцеговина, според Обвинителството, деканите и ректоратот со умисла потпишувале дипломи за завршен циклус студии.

Во најголемиот дел случаи, паричните средства што им биле наплаќани на студентите се еквивалентни на тоа што би го платиле кога навистина би студирале, наведоа од канцеларијата на Обвинителството на Босна и Херцеговина.

 

 

 

 

 

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот