Времето не работи за нашите работници

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Меѓународниот ден на трудот се слави во знак на почит кон жртвите на штрајкот што се одржа од 1 до 4 мај 1886 година во Чикаго, организиран со барање да се воведе осумчасовен работен ден. Денес, по 135 години, таа битка сѐ уште не е добиена за сите работници.

Првиот ден од мај, како и секогаш, почна со одбележување на Меѓународниот ден на трудот. Синдикалните здруженија, секое од својот двор, ги упатија главните пораки до работодавачите и до Владата. Локациите беа различни, но барањата слични: поголема солидарност во време на пандемија, поголемо почитување на законите, подобра здравствена заштита и целосно покривање на боледување во време на корона. Се спомнаа и додатоците што треба да ги добиваат вработените според регулативата, како и што поскоро и подоследно воведување на неделата како неработен ден. По истиот повод, Меѓународниот ден на трудот, излегоа илјадници луѓе и на улиците во Берлин, Истанбул, Мадрид, Париз, Торино…

Вистина е дека сега не е момент за вакви групирања и дека во овие земји имаше сериозни судири со полицијата и со оние што не ги почитуваа ковид-мерките. Но, вистина е дека нашите протести не беа масовни ниту кога немаше корона и дека повеќе милуваме Денот на трудот да си го прославиме со скара и пиво. Како да ни е сѐ по мера.

Меѓународниот ден на трудот се слави во знак на почит кон жртвите на штрајкот што се одржа од 1 до 4 мај 1886 година во Чикаго. Бил организиран со барање да се воведе осумчасовен работен ден. Денес, по 135 години, ниту таа битка за 8-часовен работен ден не е добиена за сите. Има многу фирми во Македонија во кои се работи и повеќе, а прекувремената работа не се ни плаќа.

Идејата недела да биде неработен ден, барем според реакциите, на многу работодавачи им дојде како шок!? Тие уште преговараат и се тегават некако ако е можно да се најдат во „исклучоците“, односно да може да работат и во тој ден, откако од наредната година, како што сега се најавува, неделата ќе биде прогласена за неработен ден.

Од друга страна, во Европа, но и во светот, сѐ почесто се слушаат заложби за воведување четиридневна работна недела. Последната вест стигна од Шпанија каде што од есенва ќе се спроведува тест за да се види како ќе функционира скратената работна седмица. Во Данска, пак, градските власти во Одшеред веќе вовеле четиридневна работна недела за сите вработени во општинската администрација. И така примерите си се нижат. Всушност, предвидувањата на познати економисти, но и газди, како што е газдата на „Алибаба“, милијардерот Џек Ма, е дека по 2030 година работната недела, но и бројот на работните часови во текот на денот, значително ќе бидат намалени затоа што голем број луѓе на работните места ќе бидат заменети со роботи.

Додека стигнат роботите, добро е да се позанимаваме со себе. А имаме многу работа. Никој не може да ни ги направи поправедни законите за работниците, ако ние сами не го направиме тоа. Никој не може да го казни прекувременото работење, ако тоа не го направат инспекторите. Никој не може да ја укине работата на определено време, која како што гледаме трае и по цели 5 години, освен силниот притисок од синдикатот и од јавноста. Дефинитивно – ако работничките права не се сфатат сериозно, и од страна на работниците, и од Владата и од работодавачите, во Македонија ќе поминат уште 135 години во битка за осумчасовен работен ден.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот