Време на историски косовски расплет?

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Претседателот на Србија, поради навестувањата дека би го прифатил европскиот план и де факто независност на Косово, веднаш стана цел на критики на српските десничари и клеронационалисти.

Дали Србија ќе продолжи да живее во косовскиот завет, мит што со време е преточен во политиката, или рационално ќе ја прифати реалноста и ќе го премине Ибар како да е Рубикон?
Има доволно сигнали за заклучок дека по барем две децении најсложениот и најдолгиот конфликт на Западниот Балкан влегува во завршница. Александар Вучиќ по разговорите со репрезентативната дипломатска квинта од Западот рече дека Белград е спремен да го прифати концептот на европското решение.

Тој концепт е лансиран како Шолц-Макронов план, за да, со поддршка од САД и Европската Унија, вклучувајќи ги и петте членки што не ја признаваат независноста на Косово, биде прифатен како нова платформа на дијалогот меѓу Белград и Приштина.
Планот од десет точки накусо од Србија бара согласност на Косово да му се отвори патот кон сите меѓународни организации (и Обединетите нации), а од Косово конечно да ја исполни обврската од Бриселската спогодба од 2013 година за формирање Заедница на српски општини (ЗСО), која би обезбедила поголема автономија за српското малцинство.
Иако експлицитно не се спомнуваат ни ОН и ЗСО, западните посредници ги распоредија притисоците. Од Белград се бара да отстапи од противењето Косово да добие столче во ОН. Од Приштина се бара повеќе да не инсистира на меѓусебно признавање и да ја формира ЗСО.
Премиерот Албин Курти секако ќе ја прифати ЗСО, иако тоа нема да биде лесно за националист, кој по тој повод организираше фрлање солзавец во косовскиот парламент и беше апсен. Со одбивањето би бил посочен како виновник за неуспех на дијалогот, што би можело да го означи крајот на неговата политичка кариера. Се говори дека ЗСО би била формирана до април. Со иста решителност Западот инсистира Србија да ја крене рампата пред Косово и да ги уважи неговиот територијален интегритет, неповредливоста на границите и државните симболи. Нема тоа лесно да му биде на Вучиќ, кој за многу свои изборни победи може да се заблагодари на слоганот „Косово е Србија“.
Спогодбата би била потпишана до јуни.

Западот не сака замрзнат конфликт

Вучиќ и Курти вријат под притисокот од Западот, кој е решен да го тргне косовскиот случај од агендата и во време на војната во Украина Европа да се израмни за да ѝ се спротивстави на Русија единствено. Брисел и Вашингтон јасно даваат на знаење дека не сакаат замрзнат конфликт на Западен Балкан. Вучиќ се согласува, што е нов сигнал дека се приближува до решение.
Претседателот на Србија во обраќањето до јавноста избегна да одговори дали и кога ќе прифати концепт што де факто значи признавање на независноста, но веќе навести дека тоа ќе биде неизбежно.
Ги повика граѓаните да излезат од „балонот што самите го надувавме“ и ги соочи со последиците од одбивањето на планот, кој квинтата „му го пренесла во втората минута“: прекинување на процесот на европски интеграции, запирање и повлекување на инвестициите, сеопфатни мерки во политичка и економска смисла, кои на земјата би ѝ нанесле големи штети.
– Нема да напредуваме ако не соработуваме… Би биле економски и политички изгубени – порача Вучиќ, кој според сопствените зборови во 2013 година, кога мнозинството членови на владата беа за столче на Косово во ОН, тој лично спречи тоа да се случи.
Деценија потоа, иронијата на судбината го намести како заложник на сопствената политика да биде стеснет до ѕид, без шанси да купи уште време. „Ќе биде тешко, затоа сум исплашен“, признава Вучиќ и почнува да собира фронт за поддршка на одлуката, која е непопуларна за мнозинството од јавноста.
Претседателот што сѐ стави под своја контрола сега се присетува на своите уставни овластувања и најавува „позначајна улога“ на Владата и на Парламентот во консултациите што следуваат. Патем го спомнува народот додека легиите патриоти бараат референдум. Дали народот плебисцитарно се прашува за влегување во војна? Не. Зошто би се распишувал референдум за мир?

Време е Србија да стане своја

Најгласни во критиките е клеронационалистичката десница, чии политички темели се осветени со темјан во „српскиот Ерусалим“. Тие се „дарители на туѓа крв“ што повикуваат на одбрана на Косово од удобните белградски фотелји, ги опишува Вучиќ „патриотите“ што не гледаат каква штета ѝ прават на земјата. Не ги разбирам сите други што кратковидоста ги оневозможува да разберат дека Косово е пред сѐ државно, а не партиско прашање.
Постои 1001 причина за уривање на Вучиќ, но меѓу нив секако не е Косово. Зашто под плаштот од патриотизмот и „светата српска земја“ не ѝ дозволуваат на Србија да ги отфрли косовските окови, туку ја туркаат во години на мачна изолација?
Како е можно протагонистите од поранешната демократска власт, кои се обидуваа да го решат косовскиот проблем, сега да се против Вучиќ, кој, по сѐ се чини, со помош од пријателите, собра сила да се обиде да го пресече Гордиевиот јазол?
Договорот би бил историски. Тешко дека ќе има подобар предлог. Белград би го отстранил најголемиот камен на сопнување во односите со Западот и би се оттргнал од зависноста од Русија, која со години убаво ја наплаќаше поддршката за „територијалната целовитост“ на Србија.
Време е Србија да ги дефинира своите граници. Територијално помала да стане политички посилна и неспоредливо постабилна. Економски да зајакне и да престане да фрла пари во косовскиот бунар без дно. Да стане своја.
Таква Србија би имала важно место на геостратегиската карта на Европа. Би добила широка поддршка и поефикасно би можела да помогне да биде заштитено српското малцинство на Косово, чиј пат на интегрирање во косовското општество досега беше час поддржувано час попречувано. Би било полесно да се обезбедат српските споменици на културата и да бидат решени спорните прашања за имотот. Стотици илјади луѓе од двете страни на последната исцртана граница во Европа повеќе не би биле заложници на политиките на своите популистички лидери.
Крајно време е Србите да ја „видат голата мајка“, како што народски се опишува соочувањето со болните вистини и стварноста. Дури потоа би престанале да живееме во илузиите на косовската „реинтеграција“.
Не можеме да ги решиме проблемите со истото размислување што сме го користеле додека сме ги создавале, порачуваше Алберт Ајнштајн.

Авторот е новинар

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот