Време е за право

Фото: МИА

Бидејќи основни носители на политиката претставуваат политичките партии, ова продолжено доминирање на политичкото над правното значи постојана и сеприсутна партизација на целокупната структура на државата. За да излезе од стапицата на партиското, Македонија мора да го зголеми просторот на правото и правно регулираното на сметка на политичкото, спакувано во партиска амбалажа или уште почесто изедначено со партиското.

Политиката и правото се неопходни за развој на современото општество.

Политиката го претставува динамичниот, развоен елемент, кој ги внесува промените, додека правото е стабилниот елемент кој ја врамува политиката во процедури, правила и критериуми.

Колку повеќе има право, толку помал простор останува за политиката, и обратно.

Во Македонија, доминира политиката наместо правото. Таа зафаќа 90 отсто од просторот. Дури и законите не претставуваат правно врамување на политиката, туку само акт на промоција на политиката. Така, кога власта ќе ни соопшти дека не може да набави вакцини затоа што нема правен основ, па потоа набрзина ќе донесе некоја законска измена и ни тврди дека, ете, сега е сè според правото, всушност, само ни пакува политика во законска обланда. Тоа не е право.

Во општеството во кое континуирано доминира политиката, владее правна несигурност и постојана нестабилност. На тлото на политиката не може да се постават цврсти темели врз кои понатаму ќе се гради. Можат да се постават само привремени објекти кои ќе бидат срушени од некоја идна политичка идеја.

Дури ни значајните политички решенија (како на пример Охридскиот рамковен договор) не добиваат конечна правна завршница. Тие само привидно се преточуваат во право, а всушност, продолжуваат да егзистираат само на ниво на политика.

Бидејќи основни носители на политиката претставуваат политичките партии, ова продолжително доминирање на политичкото над правното значи постојана и сеприсутна партизација на целокупната структура на државата. За да излезе од стапицата на партиското, Македонија мора да го зголеми просторот на правото и правно регулираното на сметка на политичкото, спакувано во партиска амбалажа или уште почесто изедначено со партиското.

Она што треба граѓаните да го бараат доколку навистина сакаат владеење на правото е:

– воспоставување процедури, правила и критериуми кои не се базираат на индивидуални желби или интереси, туку логично произлегуваат од содржината на која се однесуваат и кои се применуваат без отстапки до ниво на ригидност;

– донесување закони кои се доволно општи да покриваат неопределен број случаи и ќе траат повеќе години без да бидат променети;

– надополнување на политичката одговорност со материјална одговорност и за најмало прекршување на законите;

– воспоставување систем на вреднување кој ќе биде надополнет со антидискриминаторски мерки, а не систем на правична застапеност само навидум, а не и фактички надополнет со мерит систем;

– забрана за менување на законите по скратена постапка (доколку е промената мала тогаш не мора ни да се направи; а ако е промената значајна за примена на законот, тогаш не смее да се направи по скратена постапка).

– соодветно информирање (достапно и разбирливо за што е можно поголем број граѓани); и

– консултации, консултации, консултации и уште неколку консултации со граѓаните, пред да се преземе каква било активност која се одразува на нивното секојдневно живеење.

Политиката е важна во пресвртните моменти, кога се трасира нов правец на движење. Потоа доаѓа правото кое ја дава структурата на секојдневното живеење.

Постојаното присуство на политиката во секојдневниот живот ја претвора државата во рингишпил, а градбите на правото (дури и оние од привремен карактер) се лоцираат врз жив песок.

Преземено од Цивил Медиа

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот