Време е за последниот „дојрански“ договор!

Благојче Атанасоски
Благојче Атанасоски. / Фото: Архива на Слободен печат

Годинава ќе се соочиме со последниот меѓународен притисок, најголем од Американците, да се вразумиме и да најдеме решение на „спорот“. Макар и се потпишал како нов „дојрански“ договор. За да не отидат во неповрат целосно односите, без минимална шанса за подобрување.

Кога на еден мој колега од факултетските денови, одличен познавач на македонската историја, склон кон нејзиното „бугарофилско“ поимање, роден струмичанец, одамна му го поставив прашањето: „Зошто во Струмица, град во непосредната близина на соседна Бугарија, се слуша масовно српскиот турбофолк?“, тој на струмички ми одговори: „Тава е Благојче, што да се прае, ние сме ти душевно поробени“. Можеби во овој одговор се кријат сите зла и недоразбирања за поимањето на македонско-бугарските односи и проблеми, кои својот апогеј во изминативе седумдесетина години го доживуваат токму сега во наши дни, особено по употребеното вето од официјална Софија и блокадата  на нашите пристапни преговори со Европската Унија.

Очите си ги извадивме под команда на Белград и Москва!

Како човек, кој уште од средношколските денови бил етикетиран како „бугарофил“, кога сум се интересирал длабински и суштински да проникнам во проблемот што бугарската нација и држава го има со создавањето и со поимањето на македонската современа нација, за потоа и да магистрирам на односната тема, за денеска да бидам активен учесник во јавниот дискурс особено на оваа тема. Сум се обидувал што е можно пообјективно да ја разберам бугарската позиција, информирајќи се и барајќи што повеќе аргументи, факти и историски документи и докази кои ќе ја „оправдаат“ таа позиција.

Уште тогаш знаев дека официјалната македонска историографија, целенасочено крие или пак ги пренебрегнува некои историски факти и вистини, кои не ѝ одат во прилог, како една политика на изградбата на македонската државност и нација по завршувањето на Втората светска војна во рамките на тогаш создадената СФР Југославија, од која и во која како Феникс на историските премрежја изникнавме токму ние. Затоа Стефан Дечев, еден извонреден бугарски интелектуалец, кој пак, таму во тотално хипнотизираното бугарско општество во однос на „македонското“ прашање се разликува и е на спротивната страна (што се вели, на наша), ме споменува мене во свое интервју, во кое вели дека сум еден од ретките во нашата држава и општество кои „размислуваат поинаку“.

А какво беше и какво е тоа мое различно размислување?! Уште кога се потпиша фамозниот Договор за добрососедство и пријателство помеѓу Македонија и Бугарија, предводени од владите на Зоран Заев и Бојко Борисов, бев среќен бидејќи наивно верував дека по седум децении од лошиот пат по кој тргнаа нашите заемни односи и вештачки создадената/наметната перцепција еден за друг, најчесто од центарот на моќ (Белград), ние како два цивилизирани соседа, во дваесет и првиот век ќе седнеме на тркалезна маса и ќе се договориме токму во духот на европејството, добрососедството и цивилизираноста да ги разрешиме сите работи кои ги обременуваат нашите односи, се разбира, взаемно почитувајќи се. Колку сум бил наивен.

Веројатно бугарската политичка елита тој Договор го сфати како поставена замка во која нашата влада ќе влезе за потоа да ги прифати сите безумни и неразумни бугарски барања, во прв ред прифаќањето на тоа дека Македонија е вештачки создадена држава со декрет на Тито и коминтерната и дека македонскиот литературен јазик е само дијалектолошка форма на бугарскиот. Нонсенс! Овие тези наново, пред некој ден, ги (пре)повторил Кирил Топалов, еден од членовите на мешовитата историско-образовна комисија во кои вели дека „македонскиот јазик е вештачки создаден врз база на македонско-српски примесни говори на основа на бугарскиот“ и дека „Македонија до 1944 година беше чисто бугарска, за потоа да биде насилно македонизирана“ (во нивен превод и светоглед, читај: србизирана). И како вие потоа да седнете да разговарате и да најдете заемно прифатливо решение почитувајќи ги чувствата и позициите на двете општества? Никако, нормално!

Дури си мислам дека веќе официјална Софија прави сѐ да биде невозможно да се поправат срушените односи, односно да не се изградат наново сите претходно запалени и срушени мостови, какви-такви, кои егзистирале помеѓу двете земји и општества од двете страни на Осоговието. Јас знам дека во Бугарија има многумина кои печалат на шовинизмот, национализмот, радикализмот и на негирањето на сѐ што е македонско и дека од тоа направија многу пари – доволно е да се спомене Красимир Каракачанов – и дека нив во суштина воопшто не ги интересираат највисоките бугарски интереси. Нив ги интересираат личните (и руските) и материјалните (читај: коруптивно-криминалните) интереси – не е највисок бугарски национален интерес да се мултиплицира омразата помеѓу Македонците и Бугарите. Но, не можам да ја разберам подведливоста на бугарскиот народ и на бугарските граѓани, кои повеќе од 80 отсто го поддржуваат актуелното бугарско вето кон евроиднината на „браќата Македонци“, како што некогаш реално-романтично, а почесто иронично-саркастично знаат да нѐ наречат. Дали тоа се должи на напластените децениски фрустрации, гнев и комплекси кои Бугарите ги влечат во однос на сите изгубени војни за Македонија или пак се веќе длабоко во себе помирени дека „Македонија е неповратно изгубена“, па сега останува само да се лечат фрустрациите врз неа, не знам, но едно знам: доколку учеа од Србите, тогаш нивните мечти за „Македонија, втора бугарска држава“ според психосоматските фантазмагории на еден карикатурален политички кловн во ликот и делото на Ангел Џамбаски, ќе беа факт и реалност. Барем во онаа „душевна“ смисла на зборот, за која стана збор на почетоков од колумната.

Вистината мора да се кажува, колку и да е непријатна за соочување!

Нејсе, како и да е! Што и да напишам во насока на подобрување на состојбите и разбирачка за двете позиции подеднакво, исто така подеднакво ќе бидам осуден на „столбот на срамот“ од  двете општества. Но, тоа повеќе и ме мотивира да ја говорам вистината, бидејќи вие како читатели и тоа како имате право да ја знаете. Право во центар.

Годинава ќе се соочиме со последниот меѓународен притисок, најголем од Американците, да се вразумиме и да седнеме на маса како нормални европски држави да најдеме решение на „спорот“. Макар и се потпишал како нов „дојрански“ договор, бидејќи така тргнала работава, преку Охридскиот и Преспанскиот. Остана уште тој најмалиот. За да не отидат во неповрат целосно односите, без минимална шанса за некакво нивно подобрување. За уништените политички, да не станат и уништени културни, стопански, трговски и туристички односи, пред сѐ. Ние да си останеме „душевно поробени, под српско, а тие под руско“. Како секој пат низ нашата куса и во голем дел трагична  историја. И, како секогаш, низ неа раце да тријат како победници Белград и Москва. А ние како слепци и понатаму да си ги вадиме очите.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот