Време е за нова ера: Европскиот фудбал продолжува без Меси, Ибра, Роналдо, Бензема…!
Заминувањето на Лионел Меси во американската МЛС лига го означи крајот на големата фудбалска ера во Европа.
Кристијано Роналдо го направи првиот чекор кога го замени дресот на Манчестер јунајтед за Ал Наср од Саудиска Арабија, по што следуваше пензионирањето на Герет Бејл, а во последните неколку дена и официјално заврши големата ера на европскиот фудбал во 21 век, како Златан Ибрахимовиќ ја заврши кариерата, а Европа ја напуштија Меси, Серхио Бускетс, Карим Бензема.
Францускиот напаѓач Бензема на изненадување на многумина реши да го напушти Реал Мадрид и да потпише договор со Ал Итихад. Мотивот секако биле парите, а во Саудиска Арабија за две сезони ќе заработи астрономски 220.000.000 евра. По него следуваше Нголо Канте кој за една година доби 100.000.000.
Меси стави крај на една голема ера иако во Европа и натаму има претставници од нивната генерација. Аргентинецот се раздели со ПСЖ, на маса имаше понуда од Барселона и Ал Хилал, но реши да замине во САД и да потпише договор со Интер од Мајами.
Меси целата своја кариера ја помина во Европа, најмногу во дресот на Барселона, а последните две сезони во Пари Сен Жермен, севкупно освои 38 трофеи! Покрај тоа, седумпати ја освојуваше „Златната топка“.
Кога зборуваме за Бензема, францускиот стрелец во кариерата ги бранеше боите на Олимпик од Лион и Реал Мадрид и за тоа време успеа да освои 32 трофеи и една „Златна топка“.
Јасно е дека се работи за двајца играчи кои освоија грст трофеи во текот на кариерата во Европа, а ако на тоа се додаде фактот дека Бејл и Ибрахимовиќ се пензионираа со голем број трофеи, а Роналдо кој се одлучи за Саудиска Арабија, јасно е дека една голема ера е на крајот или веќе заврши.