Време е да престане зимското и летното сметaње на времето, ама Европа е презафатена за тоа

Викендов, во недела наутро стрелките на часовникот од 2 часот ќе се поместат на 3 часот, со што ќе почне летното сметање на времето за оваа година и ќе трае до 29 октомври кога ќе се вратиме на зимското време, а следната 2024 година повторно ќе го повториме истиот циклус, затоа што во светот, во Европа, па соодветно и во Македонија уште нема конечна одлука да престане сезонското сметање на времето и покрај тоа што луѓето насекаде го посакуват тоа.
Од Владата немаат конечна одлука за тоа дали земјата би останала во трајно летно или во трајно зимско време кога ќе дојде моментот да се донесе конечната одлука да престане поместувањето на часовникот. Извршната власт засега на оваа тема настапува со последниот став на Владата од минатиот октомври, кога со анализа на Министерството за финансии се утврди дека задржувањето на летното сметање на времето во зимата ќе предизвика зголемена потрошувачка на топлинска енергија.
Од Владата за „Слободен печат“ велат дека засега ќе остане решението да се поместува часовникот согласно Законот за сметање на времето, а кога ќе треба да се носи конечна одлука, ќе се анализира повторно дали ќе бидеме во летно или во зимско време.
Со летното сметање назима ќе се троши повеќе енергија
Минатата есен Владата разгледуваше опција да не преминеме во зимско сметање на времето и дури и се најавуваше дека анализите одат во насока да останеме во летното време, но потоа одлучи да имаме зимско сметање, кое завршува викендов.
– Од прикажаната пресметка за потребна топлина и анализата на промените на надворешните температури на часовно ниво, воочено е дека задржувањето на летното сметање на времето ќе предизвика зголемена потрошувачка на топлинска енергија од 1,5 до 3,5 проценти за грејната сезона. Согласно анализата на движењето на температурите во утринските часови и пресметките за потребна топлина за загревање, заклучено е дека со зимското сметање на времето се заштедува електрична и топлинска енергија во грејната сезона – велат од Владата.
Одлуката во кое време или во која часовна зона да биде Македонија кога Европа и Америка ќе се усогласат сезонското сметање конечно да престане, не е едноставна. Македонија сега е во средноевропската часовна зона, еден час подоцна од времето по Гринич, а ако останеме во трајно летно време, тоа би значело дека ќе пресметуваме според источноевропската часовна зона во која сега се Бугарија и Грција, два часа по Гринич. Во тој случај во декември и во јануари денот ќе трае до 17.30 часот, што ќе заштеди енергија за осветление во деловните објекти, но ќе се разденува подоцна, околу 7.30, што подразбира зголемено осветление во домаќинствата.
Има дилеми дали ќе треба да се реорганизира училишниот ден, кој во зима ќе треба да почнува во 8 часот за да не одат учениците наутро во темница, но часовите ќе мора да бидат скратени за оние деца што учат во втора смена да можат и тие да завршат со часовите во дневна светлина. Фирмите имаат друга математика за работниот ден, транспортните и извозните компании трета, итн.

Стопанствениците уште пред една деценија бараа Македонија да премине во часовна зона со Бугарија и со Грција, но властите сакаа да останеме усогласени со земјите од ЕУ, кои најголем дел се во централно-европската зона, како и со регионот Западен Балкан, односно соседите Косово и Србија. Но, стручни лица сега во Србија велат дека на земјата повеќе ќе ѝ одговара да го усогласи времето според источно-европската часовна зона.
И граѓаните сакаат денот да им трае подолго и не гледаат логика во тоа да останеме трајно во зимското сметање на времето, затоа што во тој случај во мај, јуни и во јуни наместо во 20.30 ќе се стемнува во 19.30 часот, а ќе се разденува околу 4 часот наутро и сите ќе преспиваат по неколку часа дневна светлина наутро, а ќе им се скрати од попладнето кое им е важно за квалитетот на приватниот живот. Но, работниците кои и натаму работат трисменски и првата смена им почнува во 7 наутро, во таков случај цела зима ќе мора да почнуваат со смената во ноќ.
Во Европа колку држави, толку недоумици
Препораката да престане сезонското сметање на времето затоа што предизвикува здравствени последици, а не придонесува за значајна заштеда, Европската Унија ја усвои во 2018 година кога 4,6 милиони Европејци, од кои најмногу Германци, на анкета се изјаснија за тоа, но, конечната одлука која држава во која зона ќе остане беше оставена на секоја земја-членка поединчено.
Досега веќе целата идеја требаше да се реализира и беше најавувано дека последното поместување на стрелките ќе биде во 2021 или во 2022 година, но пандемијата, економската и енергетската криза и војната во Украина ја одложија имплементацијата. Сега проценките се дека конечното усогласување нема да се случи пред 2025 година, а последната расправа на оваа тема во Европската Комисија била во 2019 година.
И во Европа има големи недоумици како да се постапи, дали ќе продолжи да постои една голема временска часовна зона, централноевропската, со 16 земји во неа или меѓуграничните патници ќе мора да ги менуваат часовниците по два пати на ден, дали во зима во Шпанија денот ќе трае до 22 часот, а во Полска ќе се стемнува во 14.30, што со возовите и аеродромите итн. Особено што условите не се исти во сите држави. Во Финска во јуни има 18,5 часа дневна светлина, а во декември само 5 ипол часа, а во Грција, на пример, во летото денот трае 14,5 часа, а во зимата 9 ипол часа, па прашање е како сето тоа да се усклади, ако се знае дека ЕУ се протега во три часовни зони. Ако на пример сите преминат на едно летно време во Шпанија на атланскиот брег сонцето ќе изгрева дури во 10 наутро, па затоа е оставено секоја држава сама да одлучи, според сопствение потреби.
Имаше предлог да престане да се менува времето, ама Европа трајно да се подели на четири часовни зони. Во таа варијанта во една зона би биле Португалија, Ирска и Исланд, па во следната Шпанија, Франција, Велика Британија и земјите од Бенелукс итн, но засега ЕУ не се занимава со оваа тема. Чешкото претседателство со ЕУ минатото полугодие ѝ ја врати топката назад на Европската Комисија, со образложение дека не обезбедила сеопфатна проценка на последиците од престанокот на сезонското сметање на времето.
Да останеме во оваа часовна зона, но трајно во летното време
Најголем дел од Македонија се наоѓа во средноевропската часовна зона, а 10 отсто од територијата, реонот на Делчево и Пехчево припаѓа на источноевропската зона.
За оваа тематика најмногу има објаснувано професорот Ивица Милевски од Институтот за географија при УКИМ, кој вели дека Македонија би требало да остане во средноевропската часовна зона каде природно припаѓа, но да го задржи како трајно летното време.
– Ако се префрлиме постојано на летно сметање на времето тоа ќе биде многу подобра опција, отколку да бидеме во зимското. Така во зима најрано стемнувањето ќе биде околу 17.20, за разлика од зимското сметање на времето, кога кон крајот на декември се стемнува околу 16.20, а нашиот биоритам не е навикнат тогаш да е ноќ. Со задржано летно сметање на времето, во најкратките денови во декември ќе се разденува најдоцна до 7.45 часот – вели Милевски.
Сезонското време кај нас е воведено во 1983 година, со одлука на ниво на СФРЈ. Според професорот Милевски зимското сметање на времето повеќе одговарало на поранешниот систем кога луѓето почнувале со работното време уште во 6 или 7 часот наутро, а завршувале до 15 часот и во секој случај им останувале неколку часови од дневна светлина. Со сегашниот начин на живот и работното време кое завршува од 16 до 17 часот, на граѓаните повеќе им одговара „летното“ време затоа што тоа значи повеќе дневна светлина во попладневниот период и можност за довршување на некои обврски и активности за кои е потребна светлина, како што семејните активности, попладневната рекреација и др.