Вреди го услови Филипче: Лидерска средба без законот за бранители
![](https://www.slobodenpecat.mk/wp-content/uploads/2024/11/filipce.jpg)
Етничкото мерење мускули, освен за условување на лидерската средба, продолжи и во Собранието, каде што е заглавен законот за бранителите. Откако СДСМ блокираше бидејќи претседателката на Комисијата Илире Даути одбива законот за бранители да го стави на дневен ред, сега блокираат и Европскиот фронт и Вреди.
Лидерот на СДСМ Венко Филипче доби условувања наместо одговор на прашањето дали најголемите партии прифаќаат лидерска средба со тема меѓуетнички односи, по инцидентите со државното знаме, како и за безбедноста во државата. Вреди испорача неколку услови без кои лидерите на коалицијата Изет Меџити, Арбен Таравари, Билал Касами и Зеќирија Ибрахими би седнале на маса со Филипче, додека премиерот Христијан Мицкоски одбегна да одговори дали размислил за лидерската средба која ја побара опозицискиот лидер.
Пратеникот на Вреди Халил Снопче вели дека лидерска средба ќе има ако СДСМ покаже дека се залага за консензус, а тоа ќе го докаже ако го повлече Предлог-законот за бранителите.
– Филипче треба да покаже дека има политичка волја за консензус, а тоа ќе го стори ако СДСМ го повлече законот за бранителите што неколку месеци создава тензии. Претставници на СДСМ веќе изјавија не се против да се донесе закон што освен бранителите ќе ги опфати и поранешните припадници на ОНА. На лидерската треба да се постигне консензус и за законот за правична застапеност и за Законот за употреба на албанскиот јазик. Овие теми ги отвори Уставен суд, а судиите се избрани од актуелната опозиција и затоа е потребен јасен став од СДСМ за двата закони. Ако Уставен суд продолжи да одлучува со надгласување, тогаш на лидерската треба да се отвори прашањето за воведување на Бадентеровиот принцип при гласањето во Уставен суд – вели Снопче.
Од Владата, пак, вчера одговорија дека Филипче прво треба официјално да побара средба со премиерот наместо тоа да го прави преку медиумите. Според ВМРО-ДПМНЕ, во моментов не гледаат потреба од лидерска средба.
Мицкоски не планира лидерска ниту со владините партнери иако Димитриевски ја најави
Етничкото мерење мускули, освен за условување на лидерската средба, продолжи и во Собранието на Комисијата за социјална политика, каде што е заглавен законот за бранителите. Откако СДСМ ја блокира Комисијата, бидејќи претседателката на Комисијата Илире Даути одбива законот за бранители да го стави на дневен ред (за што веќе заработи интерпелација од Левица), сега Комисијата ја блокираа Европскиот фронт и Вреди.
Блокадата на законот за бранители од Даути предизвика целосна блокада на работата на Комисијата за социјална политика од страна на СДСМ, кој преку процедурални забелешки инсистира да се расправа за бранителите, што, пак, го блокира усвојувањето на дневниот ред.
Комисијата за социјална политика денеска ја заглавија пратениците од албанскиот политички блок, зашто законот за кој требаше да се расправа – предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, од Владата бил испратен до Собранието само на македонски јазик. Дали ова е маневар на Европскиот фронт и на Вреди тие да ја блокираат комисијата наместо СДСМ со бранителите е неважно, бидејќи собраниската комисија е целосно нефункционална. Комисијата ја прекина работата додека Владата сите закони не почне да ги доставува на двата јазика.