Враснато влакно: Избегнувајте долготрајно седење, носење некомфорна облека и редовно одржувајте хигиена

фото: freeimages

Враснато влакно или пилоидална циста најчесто се јавува во седалната регија. Станува збор за циста со неправилен облик, која се смета дека настанува поради дефект во ембрионалниот развој или поради враснување влакна што организмот ги препознава како туѓо тело.

Почесто се појавува кај мажите, а што се однесува до професиите, најчеста е кај канцелариски работници, возачи и други професии што се работат со долготрајно седење. Како фактори што придонесуваат за појавата на оваа состојба се изразена влакнетост, зголемено потење, носење тесна и некомфорна облека, неправилна исхрана, пад на имунитет и нередовна хигиена.

Како да се препознае и да се третира

На кожата се појавуваат еден или повеќе мали отвори со канали, кои водат кон внатрешна  циста. Од нив често излегуваат влакна, а кога е инфицирана цистата, излегува гноен секрет и ткивото наоколу е вцрвенето, отечено и има болка, а може да се појави и зголемена телесна температура.

Лекувањето на пилоидалната циста е исклучиво хируршки. Зафатот се изведува со општа, спинална или локална  анестезија. Ваквите операции се сметаат за рутински оперативни постапки. Оперативниот третман се состои од широко отстранување на кожата, поткожното ткиво и ткивото околу цистата, сè до ткивото што лежи на сакралната коска. Постои отворен и затворен метод.

Со отворениот метод раната се остава отворена, постепено да зарасне со редовни преврски. Со затворениот метод раната се шие. Со вториот метод постои поголем ризик за повторно јавување на цистата, споредено со отворениот метод.

Постоперативeн период

По операцијата кај некои пациенти има умерена болка во пределот на извршениот хируршки зафат. Се чувствува непријатност предизвикана од присуството на дрен, кој се поставува кај затворениот метод. Еден ден по операцијата пациентот може да стане од кревет. Кај отворениот метод раната зараснува за 6-8 недели, во зависност од големината на раната. Ако се примени затворениот метод, односно раната е сошиена, зараснувањето е две недели. Во 2-5 отсто од случаите кај отворениот методи 15 до 20 отсто кај затворениот метод, постои можност за повторна појава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот