Враќање на казнетите

Анета Стојковска / Фото: Слободен печат

Доколку претходно казнетите извлекле поука од минатото, тогаш граѓаните можат да имаат трошка надеж дека овој пат, во општините што ќе ги предводат, ќе биде подобро. Ако не, како што рекол еден професор од Битола: За кого и да гласаш, ќе се покаеш до средината на мандатот.

Новоизбраниот градоначалник на Аеродром, Тимчо Муцунски, ги покани на кафе неговите противкандидати во трката за прв човек на општината. Со ова, како што рече, испратил порака за обединување, кое не му е потребно само на Аеродром, туку и на целата држава. Притоа тој вети дека ќе прифати и ќе реализира секоја идеја и проект кој е од интерес на граѓаните.

Овој убав потег на новиот градоначалник дава надеж дека можеби работите навистина може генерално да се променат на подобро. Да престане поделбата, нетрпеливоста, подметнувањето, кошкањето, па дури и омразата помеѓу спротивставените страни. Зашто, ниту е сè црно, ниту само бело, суштината не е во „ние и вие“, туку во обединување и во заедничка работа кога е тоа во интерес на сите граѓани.

Во кампањата за локалните избори пред првиот, а и сега пред вториот изборен круг, малкумина кандидати за градоначалници успеаја да си го сочуваат своето достоинство. Да не плукаат по другите, да не омаловажуваат и да не навредуваат. Или можеби никој? Во тоа можевме да се увериме во дебатите на телевизиите во кои, соочени очи в очи, ја истурија пред јавноста целата ароганција што ја поседуваат. И тоа на тони. Ветуваа, контрираа и демантираа, се потсмеваа цинично и си поигруваа со трпението на граѓаните во чии раце е моќта да ги донесат во градоначалничката фотелја или да ги симнат од неа.

На локалните избори – кои наместо натпревар на идеи и проекти за комуналните и инфраструктурните проблеми во општините се претвори во мерење на силите на Заев и на Мицкоски – се покажа дека најстабилно гласачко тело се партиските членови. Другите главно не избираа, туку казнуваа, но притоа (заборавија ли?) ги избираат повторно казнетите пред четири години. Истите оние што центарот на Скопје го преполнија со споменици, го „облекоа“ во барок, поставија галии во Вардар и наместо да го унапредат градскиот превоз донесоа кинески двокатни „кутии“ во кои човек не може ни убаво да се исправи и за кои тешко се наоѓаат делови за сервисирање.

Доколку претходно казнетите извлекле поука од минатото, тогаш граѓаните може да имаат трошка надеж дека овој пат, во општините кои ќе ги предводат, ќе биде подобро. Ако не, како што рекол еден професор од Битола: За кого и да гласаш, ќе се покаеш до средината на мандатот.

Пред вториот изборен круг, кој треба да донесе конечно решение за градоначалник на општините каде што тој не беше избран од првпат, меѓу кои и на Град Скопје, траат преговорите за собирање гласови или она што политичките лидери го нарекуваат за обединување. Се обединуваат оние од власта, се обединува опозицијата. Се договараат кој кому ќе му ги даде гласовите (на граѓаните). Како на пазар!

Зарем навистина гласот на граѓаните вреди толку малку? Нема ли волја, слободен избор, самосвест кај членовите на партиите? Навистина ли им е доволен еден повик од партискиот челник и тие да го заокружат бројот на кандидатот за кој им е наложено да се гласа? Страшно.

Затоа бескрајно ќе трае приказната за Курто и Мурто. Затоа граѓаните што не се членови или (закоравени) симпатизери на партиите, сѐ помалку ќе излегуваат на избори, со чувство дека ништо не можат да сменат. Поради партиските послушници што заборавиле дека сопствената мисла е таа што треба да ги води низ животот.

Кога сме кај изборите – слушнавме ветувања за бесплатен јавен превоз во Скопје, за брз автобуски превоз, за бродски транспорт низ Вардар, па и за враќање на железничкиот превоз во градот. Да не спомена некој и превоз со хеликоптери? Не? А баш ми се леташе…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот