Враќањето на германската политика

По 16 години канцеларување на Ангела Меркел, на Германците им стана тешко да замислат влада предводена од кој било друг. Но, неодамнешните два изборни пораза за Христијанско-демократската унија на Меркел ја зголемуваат можноста за нова ера во германската политика, кога конечно ќе треба да се донесат големи одлуки

16-годишното владеење на Ангела Меркел како германски канцелар е при крај. Без оглед какви се чувствата за неа, таа стави свој печат на цела една ера. Но, политичките епохи ретко завршуваат тивко и долгото збогум на „Мути“ не е исклучок.

Германската изборна политика конечно започна да се вжештува. Првите два државни избори за оваа супер изборна година укажаа на можноста дека германските федерални избори на 26 септември би можеле да создадат нова владина коалиција без Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на Меркел и нејзината сестринска партија од Баварија, Христијанско-социјалната унија (ЦСУ).

 „Семафор“ коалиција?

На неодамнешните избори и во Баден-Виртемберг и во Рајнска област-Пфалц, големите загуби за ЦДУ се совпаднаа со подеднакво силни придобивки за Зелените и стабилен дел од гласовите за Слободните демократи (ФДП). Оттука, сега се зборува за можна „семафор“ коалиција меѓу социјалдемократите (црвена), ФДП (жолта) и Зелените. Одеднаш, промената на владата во Берлин изгледа како реална можност.

Покрај тоа, критиките за управувањето со пандемијата на владата на Меркел –  вклучително и неверојатниот степен на корупција при набавката на заштитни маски – станаа сè погласни. Засега, вакуумот на моќта на врвот на ЦДУ/ЦСУ останува непополнет. Прилично неубедливиот лидер на ЦДУ, Армин Лашет, се соочува со повеќе харизматичниот од ЦСУ, Маркус Содер.

Кој лидер и да надвладее, ЦДУ/ЦСУ се соочува со тешка битка, особено по убедливите порази во двете сојузни држави каде ЦДУ со децении претседаваше со квази-наследна сопственост. Тој пораз и постојаниот подем на Зелените предизвикуваат потенцијална катастрофа за ЦДУ/ЦСУ. Со секој изминат ден, Германците доаѓаат до тешкото сознание дека канцеларувањето на Меркел навистина завршува. Нејзиното заминување ќе биде уште поболно со оглед на вакуумот на моќта во рамките на конзервативниот табор.

Многу разговори – малку ефекти

Ерата на Меркел во голема мерка се совпадна со најславниот период на глобализацијата – односно со отворањето на кинескиот масивен извозен пазар. На домашен план, сепак, се карактеризираше со отпор кон реформите и ќе се памети повеќе како време на разговор отколку на политичка динамика. Беа основани бројни работни групи, составени од вообичаени фалени експерти, за да разговараат за теми како дигитализацијата. Но, никогаш ништо не излезе од сето тоа.

Размислете за климатската и енергетската политика. Иако Германија се откажа од нуклеарната енергија по катастрофата во Фукушима во 2011 година во Јапонија, Меркел ја смени одлуката за укинување на нуклеарната енергија само неколку недели пред тоа. И покрај тоа, одлуката беше храбра, таа мораше да направи „двоен пресврт“ за да ѝ помогне на својата партија на државните избори во Баден-Виртемберг. Но, маневарот не успеа. Од 2011 година, со Баден-Виртемберг – главниот германски индустриски регион – управува министер-претседател на Зелените (Винфрид Кречман).

Уште похрабра беше одлуката на Меркел од 2015 година да ги отвори вратите на Германија за мигрантите кои бегаат од насилството во Сирија и другите делови на Блискиот Исток. Но, овие достигнувања беа исклучоци што го докажаа правилото. Ерата на Меркел првенствено се карактеризираше со тивкост, карактеристика што германските гласачи, бидејќи ја избираа трипати, очигледно ја ценеа. Со економското сонце што навидум секогаш свети над неа, зошто да преземеме ризик од реформа или стратегиска решителност?

После толку долг период на самозадоволство, не е изненадување што земјата сега се соочува со големи структурни предизвици. Заедно со Европската комисија и другите земји членки на ЕУ, германската влада ќе мора да работи напорно за да ја надмине недовербата создадена со потфрлањето со европската вакцинација против ковид-19. Пандемиските последици ќе мора да бидат на високо место на дневниот ред, без оглед на тоа кој ја составува следната влада.

„Зазеленување“ на економијата

Додека пандемијата ја забрза дигитализацијата, моментумот мора да се искористи за да ѝ се помогне на Европа да ги достигне САД и Кина. Тој успех и, општо, сè во врска со дигиталните иновации би бил одлучувачки придонес за суверенитетот на Европа, помагајќи им на германските и европските економии да останат конкурентни во дваесет и првиот век. Ова ќе бара огромни инвестиции во истражување и развој, како и модернизација на образовните системи. За среќа, планот за закрепнување на ЕУ од 750 милијарди евра (884 милијарди долари), „ЕУ за следната генерација“, нуди историска можност за унапредување на сите овие цели.

Најголемиот предизвик, сепак, лежи во „зазеленувањето“ на економијата, истовремено заштитувајќи ги работниците и зачувувајќи ја социјалната кохезија. Тука, задачата е преголема за да може да се управува на национално ниво. Тоа ќе мора да се направи колективно, на европско ниво, преку Европската Унија што се разви во самостојна глобална сила.

За среќа, Доналд Трамп ја напушти Белата куќа (засекогаш, да се надеваме), а Европејците признаваат дека доброто функционирање на трансатлантски сојуз ќе биде клучно за заштита на нивните интереси во овој век. Но, за да се зајакне тој однос, Европа ќе мора да сподели повеќе од безбедносниот и политичкиот товар и да го одработи својот дел за да се справи со предизвиците наметнати со растот на Кина.

Ниту една од двете задачи нема да биде лесна за Германија. Но, изборите во Баден-Виртемберг и Рајнска област-Пфалц го разголија фактот дека ерата на високопарните разговори на Меркел, без никаква акција, е завршена. Реалноста силно тропа на вратата на Германија, а подоцна годинава нови чувари конечно може да ја отворат.

(Авторот е министер за надворешни работи и вицеканцелар на Германија 1998-2005 и лидер на германската Партија на Зелените речиси 20 години)

Преземено од Проект Синдикат

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот