Врачено Рациновото признание за 2021 на Милован Стефановски

Наградата Рациново признание за 2021 година се доделува на писателот Милован Стефановски за романот „Теорија за кучешка година“, наградата ќе му биде доделени во рамките на претстојните 58 Рацинови средби кои ќе се одржат од петок до недела во Велес. Добитникот беше избран во најсилна конкуренција досега меѓу 27 прозни дела од 26 автори издадени меѓу две Рацинови средби.

Жирито во состав Христо Петрески (претседател) и членовите Стефан Марковски и Делвина Крлуку, од пристигнатите на конкурсот избрале девет дела, од кои едногласно одлучиле престижната награда да му се додели на Милован Стефановски.

Како што информира на денешната прес-конференција претседателот на жирито Петрески новиот роман „Теорија за кучешка година” е шести по ред роман на авторот во кој се определува за исповедна наративна стратегија.

Романот е компониран според драмски урнек и поседува проложен, исповеден и завршен дел. Во овој невообичаен по многу нешта роман е сместен еден човечки живот преку врамување на спомените од заедничките и личните судбински нешта.

– Во својот најнов краток роман писателот Милован Стефановски одбира преку своевидно монолошко обраќање на син кон татко на индиректен начин на читателот да му ја пренесе целата приказна без притоа да се приведе ниту едно лично име, ниту конкретна локација или топоним, ниту пак временска одредница за тоа кога се случува дејството. Веруваме и се надеваме дека овој роман ќе заземе соодветно место во македонската романескна продукција со својата оригиналност, специфичност и полифоничност, потенцира Петрески.

Добитникот, 69-годишниот Милован Стефановски во изјавата за медиумите потенцира дека му претставува голема чест добивањето на ова значајно Рациново признание од повеќе причини, а најголемата и најважната е што токму признанието што се доделува на оваа манифестација што го носи името на големиот Рацин.

– Коста Апостолов Солев Рацин за припадниците на мојата генерација, a роден сум 1952 година, претставуваше еден вид книжевна икона која искрено и со голема почит ја примавме особено вљубениците во пишаниот збор, потенцира Стефановски.

Воедно појасни дека тој по двата родитела потекнува од Кичево, а во околината на Кичево е и Лопушник каде што местото на погибјето на ацин и тоа влијаело за негов посебен однос кон Рацин.

Појасни дека во неговата прва книжевна објава во 1978 година поетската книга „Ѕид пред бескрајот” со којашто дебитирал во македонската книжевност поместена е и една песна со наслов „Лопушник” посветена на Кочо Рацин.

Тој потсети дека токму со оваа негова прва поетска книга во 1978 година, со само 26 години го понел и големото признание наградата „Брака Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата.

Пoјасни дека тоа тогаш било големо изненадување млад автор со дебитантска книга да добие толку големо и високо признание во период кога светскиот фестивал на поезијата Струшките вечери на поезијата бил многу значен не само во македонски рамки, не само во југословенски туку и во светски рамки, во вистинска смисла на зборот.

-Со најновото мое книжевно дело речиси со рамносилна возбуда на тогашната ја примив веста дека токму „Теорија за кучешката година” е добитник на значајното Рациново признание, потенцира Стефановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот