ФОТО: Вработените во палата „Лазар Поп Трајков“ просторот меѓу зградите го претвориле во паркинг: Жителите залудно пријавуваат и се жалат

Фото: Читател на Слободен печат.

Вработените од неколкуте институции сместени во палатата „Лазар Поп Трајков“, лоцирана спроти поранешниот хотел „Бристол“ во центарот на градот, со своите автомобили го претворија просторот помеѓу барокната зграда и и блокот од Градски ѕид, позади “Краш“ во приватно паркиралиште.

Фото: Читател на Слободен печат

Жителите на зградата на улица Даме Груев број 3 се револтирани од однесувањето на новите „станари“ во палатата, но уште повеќе од негрижата на надлежните каде повеќепати пријавувале, но проблемот до денес не е решен.

Секаде е пријавено и неколку пати ставаа столбови на тротоарот, но возачите си наоѓаат пат – возат околу 50 метри секое сабајле по тротоар за да си паркираат под зграда. Од Град Скопје ја префрлаат вината на Општина Центар, а од таму обратно. „Пајак“ еднаш има дојдено и сите се разбегаа, но повторно од паркинг местата не се откажуваат. Патем, има паркинг на Град Скопје на 15 метри од тука, објаснува еден од жителите на зградата.

Тој вели дека ваквата навика на вработените во деловната зграда создава нервози кај жителите кои порано често влегувале во вербални конфликти со луѓето што паркираат, но тоа било безуспешно, па сега само ги подигнуваат бришачите на автомобилите и повремено оставаат по некој лист хартија со опомена, исто така, залудно.

Жителите сметаат дека за проблемот има многу едноставно решение доколку некој сака да го спроведе, а тоа е да се стават столпчиња на тротоарот спроти хотел „Бристол“. Ова, според нашиот соговорник, им е кажано и на неколкумина советници со кои успеале да стапат во контакт и во Град Скопје и во Општина Центар, но ниту на тој начин не е сменета ситуацијата.

Фото: Читател на Слободен печат

Во палатата „Лазар Поп Трајков“ се сместени неколку државни и други институции, таму се Комисијата за хартии од вредност, Агенцијата за супервизија на осигурувањето, Регулаторна комисија за енергетика, дирекцијата на М-НАВ и други. Зошто надлежните не казнуваат и не бараат решение за непослушноста на вработените во овие институции и зошто се толерира нивното непрописно паркирање останува енигма. Исто како што е нејасно зошто се дозволува на станарите од зградите недозволено да им се одзема слободниот шпешачки простор пред нивните домови.

Ова не е единствен случај во градот каде се „замижува“ кога е во прашање недозволеното паркирање на вработени во државни институции.

И покрај тоа што паркирањето во општина Центар е најскапо и најтешко се наоѓа слободно место, а „пајаците“ на ПОЦ и на „Градски паркинг“ секоја недела се фалат со стотици кренати возила поради недозволено паркирање, тоа не важи за паркирањето покрај улицата Филип Втори Македонски, веднаш до Министерството за надворешни работи. Таму, на потегот од раскрницата кај плоштадот Скендербег до зградата на МНР, долж улицата од двете страни секојдневно се паркирани десетици автомобили.

Фото: Читател на Слободен печат

Институциите кои се тука лоцирани имаат свои подземни паркинзи, па доколку станува збор за службени возила или за возила на вработени во овие институции, тогаш полицијата треба да постапува и да казнува, како што ги казнува погрешно паркираните граѓани на други локации низ градот.

Неодамна „Слободен печат“ пишуваше и за состојбата на плочникот на уличката што минува под Порта Македонија кон градскиот плоштад, каде плочките поставени пред три години се искршени поради тоа што постојано минуваат возила и комбиња за достава и просторот е превторен во паркинг. И тука никој не реагира.

За да може градов нормално да функционира, општините, Град Скопје и полицијата мора да си ги исполнуваат обврските, секоја во својот домен. Да се казнува, но и да се бараат решенија како да се оневозможи влегувањето со автомобили на простор кој не е наменет за паркирање. Притоа и да се реагира на пријавите и жалбите на граѓаните, затоа што нели сите постојано тврдат, од локално до државно ниво, дека работат само и единствено во интерес на граѓаните.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот