Вработена во Министерство за здравство во карантин, детето во школска клупа во ОУ „Ѓорѓија Пулевски“

Во основното училиште Ѓорѓија Пулевски во скопски Аеродром, завчера, пред да стапи на сила мерката на владата за прекин на наставата во училишните установи, било тензично. Во утринските часови, меѓу учениците од повисоките одделенија проструила информација дека родител на едно од децата, бил во Италија за 8 Март, по што дел од учениците си отишле дома и не сакале да седат на настава, па наставниците морале да ги враќаат во училишните клупи и наставата во дел од паралелките се одвивала со по 10 ученици, дознава Слободен печат.

Директорот на училиштето, Марјан Јовановски тврди дека информацијата дека родител од ова училиште славел 8 Март во земја од висок ризик за коронавирус, односно Италија, допрела до него, но дека не успеале да ја потврдат бидејќи ниеден родител не се самопријавил.

– Видете таква информација дека родителка на наше дете, за 8 Март била во Италија, јас немам. Тоа е само шпекулација. Не можеме да ја потврдиме таа шпекулација и тоа останува на самосвеста на поединецот да дојде и сам да се пријави. Не сум полицаец, да одам и да проверувам по пасош дали излегол или не родителот. Меѓутоа, имаше родител, кој бил навистина во Италија и е вработен во Министерството за здравство и заедно со уште една друга докторка на здравствена институција од Куманово, биле во Италија и самоиницијативно се сега во карантин. Вчера нејзе и беше десетти ден, значи не за 8 Март. Сите тестови се негативни кај нив и биле 850 километри оддалечени од зоната во Италија која во тој момент беше прогласена за ризична зона. Меѓутоа, самоиницијативно била во карантин, сите тестови се направени и нема ништо. А ова што вие ми го кажувате, за 8 Март е шпекулација, што допре и до мене меѓутоа јас немам потврда ни од родител да се пријави сам, нити сме ние институција што може да ги тестира дали се болни од корона или дали ја напуштиле државата, тоа е сепак прашање на самосвест на родителот – ни рече Јовановски.

На нашето прашање дали детето на вработената во Министерството за здравство одело во училиште, додека мајката била во карантин, директорот одговори потврдно.

– Да, одело нејзиното дете во училиште меѓутоа кај неа е констатиран негативен резултат. Е сега, за ова што велите, за родител што за 8 Март бил во Италија, и за тоа имаше шпекулации во училиштето. Дел од осмите одделенија дел од децата во паралелките си отидоа дома, па дел ги вратија и наставата продолжи да си тече со десет дечиња во паралелка. Преземавме насоки преку одделенските раководители, самите родители да се пријават и да си преземат мерки. Но, ние не сме таа институција што треба да процени дали некој родител бил во Италија за 8 Март, како да го докажеме тоа? Свикавме наставнички совет и дадовме насоки колку можеме да ја смируваме ситуацијата, не да постигнуваме паника – додаде Јовановски.

На нашето прашање, како ученикот одел во училиште кога мајката била во самоизолација поради патување во кризно подрачје за коронавирус, директорот одговори дека законски училиштето не смее да го врати детето назад.

– Тоа е на самосвеста на родителот, да не го пушти детето. Ние законски не смееме да враќаме деца. Овде да, ние како училиште во рамки на насоки ги преземавме. Набавивме течен сапун имаме за наредните 3 години, антибактериски средства, ако порано се чистело на еден час сега секој половина час има пребришување на кваки, маси, тоалети, и со дезентал и со друго средство. Меѓутоа она што е самосвест на родителите не можеме да го правиме, имаме 1000 деца. Не можеме за сите родители да провериме кој бил во Италија кој не бил. И тоа верувам дека е проблем на државно ниво. Јас и за обичен грип им велам подобро да не го пуштаат детето во училиште отколку да се зарази цел клас од грип – додаде Јовановски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот