Вработен во Општина Петровец, сведочеше во „Талир” и призна дека во име на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ уплатил парични средства како донација

Судењето за предметот ,,Талир” во Кривичниот суд Скопје, денеска продолжи со презентација на сведоци. Прв исказ пред суд даде сведокот Горанчо Ангеловски, вработен во Општина Петровец, кој призна дека во име на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ, уплатил парични средства како донација.

– Плаќањето го вршев во штабот на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Петровец. И во банка имам уплатено парични средства што се собирани од членарина. Во коверт ми беа дадени уплатници и пари. Членарината ми беше одбиена од плата, месечно. На име донација колку што се сеќавам имам уплатено 20.000 денари, изјави сведокот.

Обвинителката Ленче Ристоска, му предочи пример од уплатницата, на кој сведокот го призна износот, но не и дека е негов потписот.

Пред почетокот на сослушување на сведоците обвинителката Ристоска презентираше материјални докази, т.е уплатници во различни износи.

Обвинителниот акт за ,,Талир” поднесен од поранешното СЈО го опфаќа нелегалното финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, и незаконска изградба на седиштето на партијата.

За првото кривично дело обвинети се поранешниот претседател на ова партија Никола Груевски, (се суди во отсуство) поранешниот генерален секретар Кирил Божиновски, поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески, како и поранешниот пратеник Илија Димовски и обвинетиот Леко Ристоски. Според обвинението, тие се товарат дека незаконски добиле најмалку 4,6 милиони евра во кеш за партијата, а потоа организирале тие пари да бидат уплатени на жиро сметката на партијата преку уплатници на име на различни луѓе.

За изградбата на партиско седиште, пак, се обвинети само Груевски и Божиновски. Тие склучиле договор за изградба на објектот со компанијата ,,Бетон” иако според законот не смееле затоа што оваа фирма имала склучено договори за јавни набавки со други државни институции. Со договорот со Бетон тие договориле „несразмерна корист” за ВМРО-ДПМНЕ и на тој начин се стекнале со имотна корист од над 8 милиони евра за партијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот