Возот за Софија што доцни триесет години пак стигна во Брисел

Жана П. Божиновска / Слободен печат

Не знаеме дали Локвенец во Брисел говорел за „историската“ пруга кон Бугарија, за железничките линии во земјава, за поставување рампи на необележаните премини… ама не е ни важно, зашто знаеме во каква состојба се и пругите и возовите и, особено, тие што морале да одат некаде со воз

Делегација на Јавното претпријатие Железници на Република Северна Македонија-Инфраструктура, предводена од директорот Хари Локвенец, престојува во работна посета на Брисел. Како што стои во објавата, Локвенец, како шеф на делегацијата, во Европскиот парламент пред европарламентарците и пред другите учесници и донатори ќе ги презентира тековните капитални инвестиции во железничката инфраструктура.

Не знаеме што кажал Локвенец во Брисел, ама нема ни потреба. Сеедно е дали говорел за „историската“ пруга кон Бугарија или за железничките линии во земјава, или можеби за поставување рампи на необележаните железнички премини… Навистина е сеедно, зашто многу добро знаеме во каква состојба се и пругите и возовите и, особено, тие што имале таква среќа да користат воз.

Можеби Локвенец им кажал зошто пругата кон Бугарија е проект рекордер во земјава и објаснувал кој и што сè најавувал и ветувал, почнувајќи од далечната 1993 година. Можеби и се навратил на сите лицитации со датуми кога ќе тргне првиот воз кон Софија – во 2012 година имаше изјава дека пругата станува реалност, па следуваа 2017, 2022… 2024 година ја вети ВМРО-ДПМНЕ ако дојде на власт, ама не дојде, па се проектираше 2025-та што е сепак далеку од реалноста.

Или можеби Локвенец се пожалил дека уште од 1994 наваму секоја година во Буџетот се издвојувале пари за пругата, ама ете се пренасочувале за други потреби.

А не дека во Брисел не знаат до каде се инвестициите во железничката инфраструктура, бидејќи голем дел од парите доаѓаат токму од таму. Не е така далечна 2018 година кога тогашниот министер за транспорт и врски Горан Сугарески најави дека обезбедиле 145 милиони евра од кои 70 милиони се грант и тогаш проектираше термин дека пругата ќе биде готова до 2025 година. Исто така, кажа дека завршило изготвувањето на проектната документација за третата делница од Крива Паланка до бугарската граница, за што биле обезбедени 60 милиони евра ИПА-средства. Одговорот му стигна една година подоцна и тоа од Европеецот Николо Бертолини, шеф на одделот за соработка при Делегацијата на ЕУ во Скопје, кој најави дека е можно да се изгубат парите што ги спомнал Сугаревски. „Ние дадовме 70 милиони евра преку ИПА за да се комплетира железничката пруга од Скопје до Бугарија. И ова уште не е имплементирано. Згора на тоа, дадовме уште 60 милиони евра за истата пруга да продолжи, но оваа програма не напредува. Ние ризикуваме многу, да ги изгубиме овие фондови доколку нема напредок до крајот на проектот“, рече тогаш Бертолини.

Кога ќе заврши со реферирање за капиталните инвестиции, Локвенец веројатно ќе се наврати на штрајковите на вработените во Железници, кои во повеќе наврати бараа на време да им се исплатат дел од платите, а на крајот ќе заврши со планот како патувањето со воз, на пример од Скопје до Битола – 200 километри растојание – да биде пократко од шест часа. Ако возот воопшто тргне (тоа сè поретко се случува) и ако не заглави некаде на половина пат. Во време кога во целиот регион се зборува за брза железница, ние 30 години се фалиме колку сме „напреднале“ во проектот од Куманово од бугарска граница.

Откако делегацијата на Железници ќе ги изнесе (веројатно) оптимистичките планови за капитални инвестиции во железничката инфраструктура, не би било лошо во Брисел да замине уште една делегација, овој пат мешана од Министерството за животна средина и просторно планирање, Град Скопје и од Општина Сарај. И тие може да се пофалат пред Европа дека по две и пол години се усогласиле за управувањето со Матка. Па допрва ќе расправале за нацрт-законот за Матка, со кој што треба да биде репрогласена за заштитена зона и ќе биде направен план за нејзино управување. И тоа, сега откако е направена штетата со платформите дивоградби за кои никој не беше одговорен. „За жал, траеше подолго од тоа што сакавме“, вели министерот Насер Нуредини.

Можеби истото го кажал и Локвенец во Брисел во стилот – инвестициите во железницата, за жал, траат подолго од тоа што сакавме, ама барем се гледа крајот на проектот пруга кон Бугарија, еве 2025 само што не дошла. Само да не заглавиме како со автопатот до Охрид…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот