Возобновен сообраќајот на патниот правец Дебар – Маврово

Полиција сообраќај
Македонска полиција /Фото: МИА

Забраната за сообраќај на патниот правец Дебар – Маврово, во близина на селото Долно Косоврасти, која беше воведена утрово во 8 часот е укината, јави дописникот на МИА.

Со максимална ангажираност на вработените во дебарската секција на ЈП за одржување магистрални и регионални патишта, оспособен е помошен пат и според раководителот на секцијата, Деар Лиманоски, возилата непречено се движат.

– Прекинот во сообраќајот од 8 часот беше како последица на појава на кратер, пропадната дупка на коловозот со длабочина од 20 и широчина од 5 метри. Продолжуваме со пополнување на кратерот со песок. Поради тоа до 12 часот сообраќајот беше пренасочен преку Струга, изјави Лиманоски за МИА.

Во исто време, тој препорачува внимателно возење на сите патни правци кои се под надлежност на секцијата, поради појава на помали одрони.

– Препорачувам оние кои се движат во ова подрачје, да ја прилагодуваат брзината според условите на патот, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата. Наши екипи се постојано на терен во расчистување на одроните, додава тој.

Под надлежност на секцијата се патишта во должина од над 110 километри кои минуваат низ поширокиот дебарскиот регион, кој е познат по обилните снежни врнежи и чести лавини и одрони.

Тоа се делниците Дебар – Жировница (патен правец Дебар – Маврово), Дебар – Глобочица (патен правец Дебар – Струга), патот кон граничниот премин „Блато”, кракот Бошков Мост кон селата на Мала Река, како и патот Мелнички Мост – Центар Жупа.

Извор: МИА

Видео на денот