ВОЗНЕМИРУВАЧКО ВИДЕО | 15-годишно девојче среде Скопје брутално претепано од соученички, заврши со тешки повреди
Трауматичен и вознемирувачки настан се случил среде бел ден вчера во центарот на Скопје во близина на грчкиот конзулат, дознава Слободен печат од свои извори.
Петнаесетгодишно девојче од скопска гимназија во Центар, брутално е претепано од две девојчиња, од кои едното и е соученичка и претседателка на класот.
Девојчето се здобило со хематом на окото, набиеници на вратот и десната плешка, хематом на главата, повреди на колената и тешки трауми. По бруталното претепување таа сама дошла до гимназијата во центарот на градот, но поради исцрпеноста колабирала пред обезбедувањето по што биле викнати нејзините родители.
Снимката ја направила толпа ученици кои или набљудувале или се потсмевале со овој сериозен настан. Девојчињата што ја претепале ја навредувале со погрдни зборови.
Случајот е пријавен во полициската станица Беко и кај Јавен обвинител.
Видеото согласно стандардите на Јутјуб е ограничено за возрасна популација поради тоа што содржи сцени на насилство.
За да се погледне мора да сте најавени на Јутјуб преку вашата сопствена сметка и да имате над 18 години.
Меѓуврсничкото насилство станува карцином на македонското општество. Во училиштата се спроведуваат анти булинг кампањи, меѓутоа бројките на пријавени случаи за брутални претепувања, кошкања, навреди, исмејувања галопира.
Меѓуврсничкото насилство остава долготрајни последици и трауми врз жртвата. Уште попоразително е што дел од присутните на ова брутално претепување се потсмеваат.