Возила без клима вршат меѓуградски превоз во летните месеци

фото: МИА

Дел од превозниците во меѓуградскиот превоз го вршат сообраќајот во летните месеци без клима-уред. Возат според возен ред и во најжешкиот дел од денот. Патниците негодуваат, но за некои линии немаат алтернатива, па го прифаќаат и таквиот превоз.

Се пожалија патници кои тргнале од Скопје, но не сакаа да ја откријат дестинацијата. Велат дека тргнале напладне, а во возилото немало клима-уред, за што добиле објаснување дека не е во функција.

Од Инспекторатот за транспорт информираат дека тие не прават проверка дали е исправен и дали работи клима-уредот во возилата, но велат дека бараат од превозникот дали има потврда за исполнување посебни техничко-експлоатациски услови, а која ја издаваат станиците за технички преглед.

Тие посочуваат дека се врши контрола секојдневно.

Според правилникот, автобусите и комби-возилата што вршат јавен превоз на патници во внатрешниот и меѓународниот превоз, покрај другите услови што мора да ги исполнат, е и да имаат исправен систем за вентилација.

Правилникот предвидува да имаат правилно прицврстени, нумерирани, исправни и чисти седишта, исправен радиоапарат и разгласен уред за известување на патниците, корпи за отпадоци и средства за дезинфекција, исправни уреди за загревање и за вентилација на автобусот, завеси за заштита од сонце доколку стаклата не обезбедуваат таква заштита, пластични хигиенски ќеси за потребите на патниците и простор за багаж од 0,15 квадратни метри по секое седиште.

Комби-возилата со најмногу девет седишта, сметајќи го и седиштето на возачот, со кои се врши јавен превоз на патници на определени релации во меѓумесниот или приградскиот сообраќај треба да имаат врата за влегување и излегување на патниците од десната страна, разгласен уред за известување на патниците и исправни уреди за загревање и за вентилација на внатрешноста на возилото.

Од Инспекторатот за МИА појаснуваат дека на линии подолги од 100 километри треба да имаат клима-уреди, на линии до 100 километри треба да имаат само вентилација.

Доколку инспекторот утврди неправилности и неисполнување на условите, појаснуваат, дека е предвидена едукација, ако не постапува по едукацијата, следува порамнување, ако, пак, не постапува, се поднесува прекршочна пријава до надлежен суд.

Предвидена глоба за ваков прекршок е 1.850 евра.

Превозот на патници се врши врз основа на издадена лиценца од страна на  Министерството за транспорт и врски.

Сузи Котева Стоименова

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот