Воздухот е загаден, ама не знаеме колку

Воздухот во Скопје мириса, загадноста се чувствува, но граѓаните не можат да се информираат колкави се концентрациите на ситните честички затоа што скопските станици од Државниот мониторинг за квалитетот на воздухот не покажуваат податоци на сајтот на Министерството за животна средина. Од среда, 7 декември, нема податоци за ситните честички ПМ10 од станиците Центар, Карпош, Лисиче, Ректорат, Миладиновци и од мобилната станица во Ѓорче Петров. За ПМ10 има податоци само на станицата Гази Баба.

Освен за ситните честички, скопските станици не даваат подтоци и за концентрациите на другите загадувачи што се мерат – јаглерод моноксид, сулфур диоксид, натриумови оксиди и озон.

Низ Македонија, исто така, дел од станиците не даваат податоци за аерозагадувањето. Од средата нема податоци за вредностите на ПМ10 во Тетово, Кичево, Битола и Велес. Од поодамна, пак нема податоци за загадувањето во Кочани и во Гевгелија.

Според податоците, во источната зона најзагаден град е Струмица, каде два дена по ред среднодневните концентрации на ПМ10 се над 120 микрограми на кубен метар воздух, а за заштита на човековото здравје не смеат да надминат 50. Во западната зона најзагадено е во Охрид. Таму има нова станица за мерење на квалитетот на воздухот и среднодневната вредност на ПМ10 вчера изнесуваше 100 микрограми на кубик воздух.

Видео на денот