Возбудливо и провокативно издание на „Киненова“ ќе се одржи од 15 до 20 октомври во Скопје

Прес-конференција за 9. МТФ „Киненова“ во „Јуроп хаус“

Фестивалот на дебитантски и втори филмови „Киненова“ во своето деветто издание ќе се одржи од 15 до 20 октомври под мотото „Што е прво? Филмот или приказната“. Визуелниот идентитет на овогодинашното издание на МФФ „Киненова“ го креираше маркетинг-агенцијата „Публицис“.

– Наша примарна асоцијација и контекст од кој произлезе слоганот на фестивалот е вечната борба на сценаристите и режисерите, кој е прв, кој е поважен и од кого почна сѐ. Сценаристот или режисерот, сценариото или визијата на режисерот? Борбата трае откога постои филмот и ќе постои секогаш без разлика дали некогаш од истата ќе произлезат длабоки и нерешливи конфликти или креативна дискусија која ќе даде нов квалитет и ќе го унапреди развојот на самото филмско дело.

Визуелниот идентитет на изданието го креираше „Публицис“

Фестивалот „Киненова“ е роден така за да биде субверзивен, критички ориентиран, контроверзен и провокативен, но не доволен сам на себе, туку со цел да биде ангажиран и во полза на општествените потреби и промени кон целокупниот интелектуален развој и созревање на општеството – истакна директорот на фестивалот Небојша Јовановиќ на прес-конференција одржана во „Јуроп хаус“ во Скопје.

Фестивалот ќе биде отворен на 15 октомври со македонската премиера на долгометражниот анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“ на режисерот Гоце Цветановски во киното „Фросина“ во МКЦ.

– Станува збор за анимирана интергалактичка авантура која во исто време е алегорија за актуелните случувања во човештвото и нашата природа која содржи луди методи на решавање на проблемите, анимирана луда црна комедија која нема да можете да ја заборавите – истакна Јовановиќ.

Фестивалот ќе биде отворен со долгометражниот анимиран филм „Јон Вардар против Галаксијата“

Следните проекции од 16 до 20 октомври ќе бидат во Домот на култура „Билјана Беличанец“ во Општина Кисела Вода. Меѓу филмовите што ќе бидат прикажани се „Кафуле“ на иранскиот режисер Навид Михандуст, грчкиот филм „Жена-убиец“ на режисерката Ева Натена, хрватскиот филм „Хотел Пула“ на Андреј Коровљев, црногорскиот „Планета 7693“ на Гојко Беркуљан, земја во фокус е Финска со два филма, а ќе има и програма со 15-ина кратки филмови. Селектор на главната програма е филмскиот критичар Игор Анѓелков.

– Предјубилејното издание на „Киненова“ ни носи шест силни авторски остварувања од различни кинематографии. Живееме во постковид времиња кога сѐ е возможно, па затоа решивме годинашниот фестивал да понуди еден фин микс од еклектични филмски жанрови, кои сепак ги поврзува една заедничка нишка – внатрешната човекова борба против најголемиот непријател, самиот себе, а потоа и против Другиот, непознатиот, оној што живее во злобниот паралелен универзум – посочи Анѓелков.

МФФ „Киненова“ секоја година дава значаен и суштински придонес во надополнувањето на филмското образование во државата преку специјализирани работилници.

– Оваа година имаме автентична работилница за развој на идеи и сценарија за кратки филмови кои се засноваат или се инспирирани од реални случувања, конкретен настан или постоечки лик. Работилницата, низ специфичен и јасно дефиниран процес, ќе ја води професорката, драматург и сценарист од Атина, Ерини Демирцаки – информираше Јовановиќ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот