Возачот што усмрти полицаец бил пијан

Фото: МИА

Надлежен јавен обвинител заедно со увидна екипа од Министерството за внатрешни работи изврши увид на местото каде синоќа се случи тешка сообраќајна несреќа во која животот го загуби едно лице, а неколкумина се повредени.

– Патничко моторно возило управувано од осомничениот, жител на Куманово кој бил видно под дејство на алкохол, удрило во двајца полициски службеници. Од тежината на повредите на лице место еден од полициските службеници починал. Возачот потоа продолжувајќи со управувањето со возилото удрил во друго патничко моторно возило во кое биле три лица и на сите им нанел телесни повреди. Возилото продолжило со движење, но од брзината и ударите се превртело, при што и возачот се здобил со телесни повреди. Сите повредени лица се згрижени во медицинска установа и им се укажува помош, велат од Обвинителството.

Телото е предадено за обдукцијата, а дадена е и наредба за прибирање траги од самото место, фотографирање и скицирање, како и натамошно вештачење со кое ќе бидат утврдени фактите во предметот.

Според полицијата, 45 минути по полноќ на регионалниот пат Куманово-Свети Николе во близина на крстосницата со населба Ајдучка Чешма, автомобил „мерцедес“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од С.Ј. (40), удрило во 37- годишниот В.Ц., полициски службеник, и во 25-годишниот А.М., кандидат за полициски службеник, кои биле на службена должност. В.Ц. починал на местото на настанот, а А.М. со тешки телесни повреди е пренесен во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје.

С.Ј. со возилото „мерцедес“ избегал од местото на настанот, по што на регионалниот пат Куманово-Свети Николе во близина на хотел „Сателит“ удрил во патничко моторно возило „шкода“ со кумановски регистерски ознаки, управувано од Н.П. (34). Возачот на возилото „Шкода“ и сопатникот Д.Ј. (42) се здобиле со тешки телесни повреди, а А.Ј. (52) со телсени повреди, при што Д.Ј. е пренесена во комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, додека останатите повредени се пренесени во болницата во Куманово.

С.Ј. е пренесен во болницата во Куманово, а против него во текот на денот ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот