Возачите ги губат лиценците, ќе нема кој да донесе и да однесе стока

камиони транспорт
Фото: илустрација / архива на „Слободен печат“

На повеќе од 1.000 професионалци во септември им истекоа лиценците за работа, бидејќи и по 8 месеци, државата не смогна сила да најде нова компанија што ќе ги тестира кандидатите.

Сè додека не завршат изборите и не се состане Собранието, нема да има ниту преодно решение за проблемот со испитите за добивање сертификати за професионална компетентност за возачите и за одговорните лица на превозните компании. Иако предлогот за измена на Законот за превоз во патниот сообраќај, со кој кандидатите ќе можеа да полагаат писмено наместо електронски, го мина комисискиот филтер, Собранието се распушти поради изборната кампања, вели за „Слободен печат“ Биљана Муратовска од „Макам-транс“.

Па, така, додека во Европа постои „глад“ за возачи на камиони, кај нас сè повеќе возила чмаат по паркинзите, бидејќи на повеќе од 1.000 професионалци во септември им истекоа лиценците за работа. Муратовска го споделува разочарувањето и невербата дека и по 8 месеци државата не смогна сила да најде нова компанија што ќе ги тестира кандидатите. Сето ова веќе се рефлектира и во синџирот на снабдување, проблем со кој се соочија западните земји, па затоа е логична претпоставката дека и кај нас набрзо ќе нема кој да ги донесе нарачаните стоки и репроматеријали за да се пополнат трговските рафтови и да не згасне производството – децидна е Муратовска.

Како транспортен експерт, Муратовска е на ставот дека, за да не дојде до застој, државата мора да донесе законски прописи за уредување на транспортниот сектор, да развива политики со другите држави за што поголема либерализација на превозот, како основа за олеснување на трговијата.

– Според статистичките податоци, превозот на стока во нашата држава и во увоз и во извоз во 96 отсто од случаите се врши со возила во патниот сообраќај. А, како да ја вршиме работата без документот, кој ни е потребен за да може да возиме не само низ државата туку и во Европа. Осум месеци пишуваме и предупредуваме дека откако беше затворен испитниот центар на Правниот факултет, поради аферата за фирмата „Инвока груп“ на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски, мора под итно да се најде решение. Транспортните фирми се доведоа во ситуација да паркираат добар дел од своите возила, затоа што немаат доволно возачи со сертификат. Дел од возачите на кои им истекува дозволата, со страв се враќаат во земјава оти казните се драконски – објаснува Муратовска.

– Оваа година ќе биде тешка година за голем број превозници, затоа што досега има повеќе од 1.000 возачи што чекаат да ги обноват сертификатите или за првпат да се стекнат со сертификат за професионална компетентност, но, за жал, државата не успеа да најде никакво решение. Овие граѓани и покрај сè, ризикуваат и возат надвор од државата без поседување валиден СПК за возач за да не ја изгубат егзистенцијата од која зависат. Асоцијацијата и понатаму ќе продолжи да прави притисоци кај надлежните органи за наоѓање решение, меѓутоа шансите за тоа се многу мали – разочарана е Муратовска.

Истрагата за набавката на софтверот за сообраќајни прекршоци целосно го блокира системот за електронско полагање државни испити во 13 државни институции, бидејќи фирмата инволвирана во тендерот со софтверот, „Инвока груп“, ги менаџирала и државните испити. Во истата ситуација, освен возачите, се и медијатори, вештаци, управители со отпад, царински застапници, негуватели, како и идни судии и јавни обвинители.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот