Воспитувачките револтирани, ќе протестираат пред СОНК поради намалувањето на платите за време на штрајкот

Фото: EPA-EFE/GEORGI LICOVSKI

Воспитувачките и негувателките кои го поддржаа штајкот на СОНК се подготвуваат да излезат на протест пред седиштето на СОНК,  бидејќи како што велат, се револтирани што се уште не ја земале платата за април. Одговорност ќе бараат од претседателот на синдикатот, Јаким Неделков.

– Се чувствуваме предадени, колегите од образование платата за април ја добија во целост без никакво кратење и на време, а ние од градинките се уште немаме земено плата за април. Дополнително, и покрај тоа што министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска и Јаким Неделков соопштија дека е постигнат договор во корист на вработените во градинките, нас ни беше соопштено дека платите ќе бидат намалени за 30 проценти, односно дека платата за април на негувателките кои го поддржаа штајкот на СОНК ќе биде за 2.000 денари помала, додека воспитувачките ќе земат 4.000 денари помала плата, рече во изјава за „Слободен печат“ Е. Г. вработена во детска градинка.

Таа потсетува дека токму градинките беа тие коишто не го запреа згрижувачкиот процес, и дека децата се згрижуваа за времетраење на штрајкот, а сега се казнети.

Станува збор за околу 2.000 вработени во градинките кои не згрижуваа дечиња за време на штрајк, иако според законот, беа обврзани на тоа. Со постигнатиот договор и тие ќе добијат зголемување на платите од септември за 15%. Инаку, платата на негувателките во градинките во моментов изнесува 18.821 денар, а на воспитувачките 24.900 денари.

Неделков објаснува дека платата ќе се исплати во целост, но со друга основица.

– Во време на штрајк платата се исплатува во висина соодветна на придонесите и даноците од плата кои ќе се исплатат со износ утврден од посебни прописи на минималната основица за плаќање на придонесите. Со тоа се направени измени на колективниот договор. Без тие измени штрајкувачите немаше да добијат плата за време на штрајкот, туку само придонеси, додека сега ќе добијат плата. Сепак, и тие пари кои ќе бидат скратени за априлската плата ќе им бидат вратени во мајската плата, на основ на прекувремена работа, објаснува Неделков.

Во однос на споредбата исплата на плати за време на штрајк во образование и детска заштита, Неделков вели дека исплатата на дневниците во целост во образование се случило благодарение на одредба од колективниот договор кој тоа го овозможувал, додека немањето колективен договор во детска заштита бил причина за намалувањето на платите на вработените во градинките. Додека, пак, доцнењето на платата се објаснува со пресметките за корегираната плата. Усогласувањето со законските измени во Колективниот договор е причина за доцнењето на априлската плата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот