Воспаление на белите дробови кај кучињата и мачките

Во овие зимски денови кога е постудено и кога имунитетот на миленичињата може да биде намален, да кажеме збор-два и за потенцијалната појава на респираторни заболувања кај миленичињата, во конкретниот случај за воспаленијата на белите дробови.

Воспаление на белите дробови претставува збир на симптоми кои укажуваат на здравствени проблеми кои клинички се манифестираат првенствено за респираторниот систем (системот за дишење) или пак се јавуваат последично како индикатор на некое друго заболување. Воспалението на бели дробови или на дишните патишта се релативно чести кај домашните миленици и тие се јавуваат при појава на вирусни болести, бактеремии, пад на имунитетот, стрес-фактори, последица на други инфекции, заболувања на циркулаторниот систем и срцето и слично.

Генерално, домашните миленици, пред сè кучињата и мачињата се релативно отпорни до некој степен на ниски температури, но се разбира не при екстремни услови на студ и опасност од мрзнење, кога не страдаат единствено дишните патишта туку и останатите органски системи.

Поради ова зимските услови и ниските температури ги вбројуваме во потенцијални ризици за состојба на стрес и шок, како и физички температурна изложеност, која може да доведе до проблеми со дишните патишта.

Она што најчесто сопствениците ќе го забележат се кашлица со различен интензитет и длабочина, појава на исцедок во продуктивната фаза на воспалението, борба за воздух, плитко дишење, слузниците се плавкасти, телесната температура е покачена, животното е летаргично, неволно се движи, одбива да се храни, да пие вода и слично.

За да бидеме во можност ефикасно да го лекуваме миленикот треба детално да ги утврдиме можните причинители и видот на инфекција која го предизвикала воспалението. Според тоа ќе се утврди адекватната терапија како и дополнителните мерки за заштита на миленичето. Важен фактор за лекување претставува степенот на заболувањето и состојбата во која се наоѓа миленикот и поради тоа се препорачува навремена посета на ветеринар. Важно е да се следат препораките на ветеринарот за понатамошни иследувања како општ редовен преглед со аскултација, рендген-дијагностика, евентуални крвни анализи и сл.

Како и во повеќе наврати претходно сме спомнале дека најголем број од болестите или заболувања кај милениците и животните воопшто се последица на нередовно преземени заштитни мерки во поглед на исхраната, негата, превенцијата од вирусни и бактериски заболувања, начинот на одгледување и чување. Кога ќе ги исклучите или намалите ризиците, се намалува и можноста од болести.

Со добра грижа за благосостојбата на животното се минимизира можноста од појава на воспаленија на дишните патишта и белите дробови. Затоа редовно на контрола кај ветеринар и веднаш на преглед доколку се посомневате на проблеми со дишењето кај вашето милениче.

Д-р сци. Глигор Мојсов, ДВМ Ветеринарна амбуланта – МОГЛИВЕТ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот