Вооружени „трамписти“ подготвуваат „голем бунт“ низ целата земја

Повеќе од 25 лица се притворени и обвинети за упадот во Капитол хил и за насилните протести во Вашингтон пред една недела, но службите за безбедност предупредуваат дека состојбата во Соединетите Американски Држави не е смирена.

Федералното биро за истраги објави дека добило информации што укажуваат дека вооружени групи планираат насилни протести пред Капитолот во Вашингтон и пред собранијата на сите 50 сојузни држави во преостанатите неколку дена пред инаугурацијата на новоизбраниот претседател Џо Бајден на 20 јануари.

Од тие причини Националната гарда на САД доби дозвола да распореди до 10.000 активни припадници и уште 5.000 во резерва во Вашингтон за време на инаугурацијата на новоизбраниот претседател Џо Бајден на 20 јануари, изјави генералот Даниел Хокансон.

Генералот посочи дека околу 10.000 припадници на Националната гарда се очекува да бидат во Вашингтон до сабота и дека ќе се фокусираат на безбедноста, логистиката и комуникациите.

– Вооружени протести се планираат во сите 50 главни градови во периодот од 16 јануари до 20 јануари, а на Капитол хил од 17 јануари до 20 јануари – се предупредува во билтенот на ФБИ.

Закани за Бајден, за Харис и за Пелоси

Федералната полиција предупредува и на закани од „оружен бунт“ ако Доналд Трамп биде отповикан од претседателската функција пред да му заврши мандатот на 20 јануари.

„На 8 јануари ФБИ доби информации за идентификувана група, која повикува други групи да ѝ се придружат во акции за упади врз федерални владини и административни загради во случај претседателот да биде отповикан пред инаугурацијата. Оваа идентификувана група, исто така, на 20 јануари планира упад врз владини простории, вклучувајќи ги Округот Колумбија и во сите сојузни држави, без оглед дали тие делегирале електори за Бајден или за Трамп“, пишува во билтенот.

ФБИ додава дека следи извештаи за „разни закани за повредување на избраниот претседател Бајден спроти инаугурацијата“, како и закани против избраната потпретседателка Камала Харис и спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси.

Локалната власт е немоќна

Градоначалничката на Вашингтон, Мјуриел Бaузер побара од федералната влада на САД да ги одземе сите дозволи за различни протести и демонстрации во центарот на главниот град до 25 јануари.

– Го молам секретарот за внатрешни работи (Дејвид Бернхард) да ги одземе сите дозволи за јавни собири во Округот Колумбија и да не издава нови вакви дозволи меѓу 11 и 24 јануари – изјави Баузер.

Барањето се објаснува со фактот дека централниот булевар Вашингтон и спомениците и парковите лоцирани на него и во близина се под јурисдикција на федералните власти.

Локалните власти во Округот Колумбија, исто така, го блокираа пристапот до Вашингтонскиот обелиск до 24 јануари, а исто така, некои улици, паркинзи и тоалети во Националниот парк ќе бидат привремено затворени.

Дневни проценки на заканите

Претставници од Службата за национални паркови велат дека групи вклучени во минатонеделните немири во американскиот Капитол хил продолжуваат да се закануваат дека ќе ја попречат инаугурацијата на Бајден на 20 јануари.

Инаугурацијата на следниот претседател на САД, Џо Бајден, што е закажана за 20 јануари, ќе се одржи на скалите на Конгресот, што е исто така под управа на федералната власт.

– Го замолив државниот обвинител да му наложи на Федералното биро за истраги да дава дневни брифинзи и проценки на заканите – изјави Баузер.

Административниот центар на Вашингтон беше тешко погоден од протестите на приврзаниците на Доланд Трамп, кои не сакаат да се помират со поразот на нивниот фаворит на неодамна одржаните претседателски избори. Тие успеаја да го пробијат полицискиот кордон и да влезат во салата на Конгресот. Во нередите загинаа пет лица, а беше причинета и голема материјална штета.

Оставка на секретарот за национална безбедност

Спроти сложената операција за обезбедување на инаугурацијата оставка ненадејно поднесе секретарот за национална безбедност, Чад Волф. Пред да му ја остави командата на својот привремен наследник Пит Гејнор, Волф ѝ наредил на Тајната служба веднаш да ги почне подготовките за обезбедувањето на церемонијата на инаугурација, а не само еден ден порано, како што е вообичаено.

Полицијата во главниот град ќе биде засилена со припадници од соседните Вирџинија, Мериленд и Њу Џерси, а њујоршката полиција ќе испрати 200 офицери.

Врховниот суд ги одби жалбите на Трамп

Врховниот суд на САД формално ги отфрли барањата за брзо разгледување на случаите во врска со исходот од изборите во пет сојузни држави, во кои победи новоизбраниот претседател Џо Бајден, а беа поднесени од претседателот Доналд Трамп и неговите сојузници. Во прашање се резултатите од изборите во Аризона, Џорџија, Мичиген, Пенсилванија и Висконсин.

Судот се уште може да постапува по жалбите поврзани со изборите на 3 ноември. Неколку судии изразија интерес за случајот во Пенсилванија, чиј Врховен суд одлучи да го продолжи рокот за прием на гласачките ливчиња добиени по пошта за три дена. Но, дури и ако судот покрене случај поврзан со изборите, веројатно првото сослушување ќе биде организирано дури во септември.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот