Вонредна состојба

Денко Малески / Фото: Архива на Слободен печат

Водачот на опозицијата не ја прекинува играта на политичко наддавање, нудејќи партиски решенија за кризата. Во одговор на ова, досегашниот премиер, во име на својата партија, нуди сопствена програма. Ова се загрижувачки сигнали на разногласие во моменти кога ни треба единство околу политиката на пржинската влада и на претседателот на државата.

Правниците секогаш ќе најдат решение што ќе ја задоволи политиката. Ние од политичките науки, пак, треба внимателно да ги следиме политичките процеси под вонредна состојба, облик на владеење со кој се спроведуваат наредбодавни овластувања во моменти на криза.

Еве што забележувам. Никој во нашата држава не знае од искуство што нѐ чека, затоа што вонредна состојба досега не сме имале. Оттаму и непознаниците како за вирусот така и за развојот на политичката ситуација. Состојбата со здравствената криза бара многу дисциплина, која ние како народи не ја поседуваме, па оттаму ќе ни биде наложена. Притоа, како и пред прогласувањето на вонредната состојба, политичките процеси на управување со државата и натаму ќе се одвиваат во истите услови на заемна недоверба и цинизам меѓу партиите. А, сепак, мораме да признаеме дека решението по кое посегнавме е мошне популарно и е поддржано како од партиите на власт така и од оние во опозиција. Зошто? Прво, демократијата никогаш не ни легна на срце зашто дисциплината и одговорноста што таа ги подразбира, не се дел од нашиот вредносен систем, па сме склони нејзините процедури да ги сметаме за губење време, особено во моменти кога посакуваме брзо да ја решиме болеста. Згора на ова, претпоставувам дека длабоко во себе поголемиот дел од населението верува дека карактерот на заканата, заразата на коронавирусот која нѐ загрозува сите, е доволна причина сите да нѐ обедини во војната против болеста. Но, старите мајстори на политиката предупредуваат дека војната, а ова е еден вид војна, ги лишува граѓаните од нивната лесна живејачка и е груб учител што го свлечкува човековото поведение на ниво на околностите.

Политичкиот систем на Македонија во изминативе месеци се најде во една многу специфична ситуација. Пандемијата нѐ соочи со нужноста од одлагање на изборите.  Соочени со веќе распуштен парламент, кој, по мислењето на поранешниот претседател на Собранието, не може повеќе да се свика, се определивме за она што во политичките системи на некои демократии се нарекува уставна диктатура.

Зарем не е поедноставно и поефикасно да се справиме со епидемијата на тој начин? Тој што прашува не знае дека во политиката најкраткиот пат меѓу две точки не мора секогаш да биде правата линија. Оти, како што веќе гледаме, политичките процеси продолжуваат по старо: опозициската партија која најгласно инсистираше на вонредна состојба (!?) како да жали по демократијата и секојдневно приговара дека не се земаат предвид нејзините ставови за борба со болеста и нејзините мерки за економијата. Во отсуство на парламентот, како платформа на која партиите ги презентираат своите ставови и влијаат врз јавното мислење и врз државната политика, се плашам дека политичката пресметка би можела да се вжешти, наместо поради епидемијата да стане поумерена. Водачот на опозицијата не ја прекинува играта на политичко наддавање, нудејќи партиски решенија за кризата. Во одговор на ова, досегашниот премиер, во име на својата партија, нуди сопствена програма. Ова се загрижувачки сигнали на разногласие во моменти кога ни треба единство околу политиката на пржинската влада и на претседателот на државата.

Инбокс7

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот