Вонредна седница на градскиот Совет: Нема решение за повисока цена за приватните превозници, доцна е за ребаланс на буџетот

Слободен Печат - Приватни Автобуси / Фото - Методи Здравев /

Она што советниците на ВМРО-ДПМНЕ им го ветиле на приватните превозници, дека цената за изминат километар ќе се зголеми од декември со средства од ребаланс на буџетот, е неизводливо, затоа што општините и Град Скопје можат да прават ребаланс најдоцна до 15 ноември.

На вонредна седница на Советот на Град Скопје се разгледува Иницијативата за почнување постапка за покачување на цената што ја добиваат приватните превозници од ЈСП, која се одржа на барање на советниците на СДСМ и други советници.

ВФчеравечер советничката група на ВМРО-ДПМНЕ одржала средба со приватните превозници, на која е понудено како привремено решение до истекување на договорот што Град Скопје го има со приватниците, значи до мај наредната година, на овие превозници да им се исплаќа по 100 денари за изминат километар, односно 30 денари повеќе од она што во овој момент се тарифира кон нив од ЈСП.

Според координаторот на советничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Мартин Стојановски, оваа цена би требало да се применува од декември за што би се направил ребаланс на годинешниот буџет, а во буџетот за 2025 година да се обезбедат средства за првите пет месеци од годината. Според него ова е доказ дека ВМРО-ДПМНЕ се грижи за граѓаните, но како што истакна притоа никако не се прифаќа да се зголеми цената на билетот што ја плаќаат граѓаните.

Но, советникот од СДСМ, Гордан Шутаров укажа дека на седницата треба да се дискутира за отпочнување на постапката, која не може да се спроведе за еден ден и дека тоа што го ветил Стојановски и неговата советничка група не е спроведливо.

Како може да се направи ребаланс на буџет кога законски единиците за локална самоуправа ребаланс може да направат заклучно со 15 ноември. Тоа ветување е само уште еден обид да се смири ситуацијата и да се излажат граѓаните. Ребаланс не е можен после 15 ноември. Ако сакаме вистински да помогнеме, тоа е искрено, со дијалог да пристапиме со приватните превозници, со кои и ние сме имале средба и сме се согласиле дека треба да има ревизија во однос на тарифирањето – рече Шутаров, чија дискусија за Стојановски беше обид за политиканство.

Приватните превозници бараат измена на методологија врз кој им се пресметува цената за изминат километар според Одлуката за линиски превоз, објасни Љубица Јанчева од СДСМ, која исто така нагласи дека примена на цената која советниците од ВМРО-ДПМНЕ ја договориле не е возможна.

Примена на онаа цена која вчера сте ја договориле не е можна, сте ја договориле само да го тргнете вниманието од „багерите“. Како ќе го примените ова од декември, ајде кажете, од кој пари ќе го направите тоа? И сега кого замајувате, нас или граѓаните? Не можете да понудите цена од 100 денари кога не можете да направите ребаланс на буџет и сега треба да ги погледнете во очи луѓето и да им кажете дека сте се договориле дека ништо не е договорено. – посочи Јанчева.

Како што истакна таа, кризната состојба беше прогласена за недостаток на топлинска енергија, важеше седум дена и заврши. Рокот на позајмицата помина и што ќе прави ЈСП во наредните денови, праша таа.

ВИДЕО | Приватните превозници бараат решение до понеделник, во спротивно може и да блокираат улици

До овој момент седницата не e завршена и не е усвоен никаков заклучок, а на говорницата се појавија повеќе советници кои изразија поддршка до приватните превозници, како неопходен дел од јавниот превоз.

За потсетување, приватните превозници во понеделникот после подолго време повторно ги вклучија автобусите во јавниот превоз, но тоа траеше само два дена, односно до седницата во средата кога оваа иницијатива, за која вчера беше свикана вонредна седница, не беше ставена на дневен ред. Потоа, тие се заканија дека доколку до крајот на неделава не се реши нивниот проблем околу тарифата што им се плаќа за изминат километар, од понеделник ќе го блокираат градот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот