Вонредна инспекција во УСЈЕ по фотографиите со сомнителен отпад: Еве што пронајдоа инспекторите

Фотографиите кои деновиве се појавија на социјалните мрежи, со шлепери со сомнителен товар, кој наводно се гори во цементарница УСЈЕ, предизвикаа паника во јавноста.

Според неофицијалните информации, шлеперите се полни со отпад кој при горењето ослободува тешки отрови. Фотографиите на кои се фотографирани од направени пред петнаесетина дена. Се шпекулира дека станува збор за полимери на платно, отпад кој е исклучително токсичен кога согорува. Во цементарница отпадот го испорачува италијанска фирма со која таа има договор. Упатените, превозници кои одбиле да го превезуваат овој отпад, велат дека треба да се донесат околу 1.200 шлепери, или 30.000 тони отпад, дел спакуван, дел рефус. Отпадот до Солун доаѓа со брод, а потоа со камиони се носи до УСЈЕ. Упатените зборуваат дека станува збор за милионски профит, се споменува цифра од 30 милиони евра. Во цементарницата отпадот се користи како гориво во производниот процес на цементот.

Вонредна инспекција во УСЈЕ

Поради ваквите информации во јавноста, денеска била направена вонредна инспекциска контрола од страна на Државниот инспекторат за животна средина, од каде што информираат дека не станува збор за отровен материјал кој се согорува во печките, туку за алтернативно гориво, за кое фабриката има добиено дозвола во 2013 година.

Шпекулациите за отровниот отпад, како невистините ги отфрли и цементарница УСЈЕ, од каде што велат дека станува збор за преработен отпад од кој се прави алтернативно гориво.

– Цементарница УСЈЕ поседува најсовремена технологија за употреба на алтернативни горива. Употребата на алтернативните горива спаѓа во групата на еколошки технологии. Ваквите технологии се користат во развиените индустриски земји и во Европската Унија повеќе децении и претставуваат едно од најефикасните решенија, покрај другото и за проблемот со ширењето на депониите за отпад. Во овој период, употребата на алтернативно гориво изнесува 4% од вкупната годишна потрошувачка на енергенси во Цементарница УСЈЕ. Алтернативно гориво се користи само на една од двете активни печки, информираат од УСЈЕ.

Од УСЈЕ реагираат и на обвинувањата во врска со увозот на отпадот од странство, и шпекулациите дека навечер филтрите во фабриката се исклучуваат.

– Во Македонија сѐ уште не постои технолошка постројка за подготовка на алтернативни горива и затоа таквата подготовка мора да се прави во специјални постројки во странство. Што се однесува до филтрите, технолошкиот процес на цементарница Усје оневозможува работа на погонот без работа на филтрите. Производството автоматски запира доколку филтрите не работат, информираат од таму.

Македонија нема државна лабораторија

Сепак, токму независниот мониторинг, кој покажува дека во воздухот не се емитуваат емисии повеќе од дозволеното, предизвикува недоверба кај населението, кое се сомнева за можни непринципиелни договори помеѓу одредени индустриски инсталации, приватни акредитирани лаборатории и претставници од институциите. А државна лабораторија во Македонија се уште нема. И покрај вложените средства за техничка опрема и стручен кадар, централната лабораторија во Министерството за животна средина е надвор од употреба, затоа што не е акредитирана.

Сепак, со неодамнешното прифање на амандманот на буџетот, поднесен од пратеничките на ДОМ, Лилјана Поповска и Маја Морачанин, за дополнителни 5 милиони денари за акредитација на централната лабораторија, дава надеж дека начинот на испитување на штетните емисии од фабриките ќе се промени.

„Акредитацијата на лабораторијата која веќе постои во Министерството за животна средина, значајна ќе биде за инспекторите за животна средина при вршење инспекциски надзор. Ова ќе придонесе за поголема независност и објективност на инспекциските контроли, а со тоа и поефикасна заштита на животната средина и здравјето на граѓаните“, вели за Слободен печат Лилјана Поповска од ДОМ.

Според неа, тука не завршуваат одговорностите на државните органи. Поповска со нас го сподели неодговорносто однесување на директорот на Државен инспекторат за животна средина, Фејзула Спахија, кој наместо да обезбеди средства за лабораторија, во 2018 купил теренско возило од 1.4 милиони денари.

– Јас неколку пати на пратенички прашања барав да ми се одговори за ваквото неодговорно работење на директорот, но одговор не добив, вели Поповска.

Договор преземен од е-набавки.гов.мк

– Независно од централната лабораторија, која се надевам дека наскоро ќе биде акредитирана, неопходно е самиот инспекторат да има своја лабораторија, за да можат инспекторите да направат самостојна проверка дали емисиите кои ги испуштаат фабриките се над дозволената граница, додава Поповска, и алармира на коруптивни зделки помеѓу службеници од институциите, инспекторите и индустријата.

– Инспекторите се договараат кога ќе дојдат во контрола, а со тоа им оставаат можност на раководителите на погони да го намалат производството. Тоа не би требало да се случува, порачува Поповска.

Од друга страна, пак месецов стапи на сила Закон кој пратениците го изгласаа пред шест месеци, а со кој е забранета ненајавена инспекциска контрола, со што значително се намалува можноста да се „фатат на дело“ нерегуларностите на фабриките и претпријатијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот