Вонматерична аристократија

Како да го портретираме македонскиот милионер, или богаташ, како што почесто сакаме таквите егземплари да ги именуваме, и ако се согласувате, не од некоја длабока почит кон тој општествен слој, туку со доза на иронија, а не така ретко и гнев, зашто во нив, уште во фазата на зародишот на тој феномен за земја со толку низок социјален статус, народот препозна криминал, коруптивност. Во секој случај, својства со ниска моралност. Со примеси на сериозна криминогеност. И, да бидеме, барем пред себе праведни, ќе констатираме, дека се актери на неказнети диверзии во сегментот на националната економија и колективниот, генералниот социјален статус.

Да не ги кажуваме работите во ракавици. Да не ги замаглуваме реалностите, гледајќи и на вистината низ замаглени нишански справи, ќе речеме – тие аномалии се изродија, главно, поради килавоста на политичките фази низ кои минувавме од мигот на осамостојувањето на државата. И секако, во спрега со политичките гарнитури, чии волунтаристички поимања и критериуми во градењето на економските и социјалните политики и закономерности, ги исцртаа сцилите и харибдите на колективните македонски падови.

Не сум економист и овој хаотична искриминализирана македонски економска слика, не би се одважил или осмелил да ја гледал од завиден стручен агол. Но наше, а секако и мое, неотуѓиво право, па и обврска е да ја дијагностицираме, па и да ја дефинираме, врз основа на трагите и раните што за овие три децении останаа на нашата кожа. Врз нашиот грб. Од травматичните потреси и рапидни социјални раслојувања. Под мошне звучната формула, приватизација, всушност се изведе нашата најпогрома криминализација.
Не ќе предимензионираме ако речеме дека имавме политички првенци, кои за волја на вистината, сами ги избиравме и устоличувавме, а тие, во континуитет ја практицираа логиката на нојот. Со глави закопани во нашиот жив песок, ни ја осмислуваа колективната економска трагедија. Премолчно пактираа со злото. Дозволија да се создаде клима за неприродна, поточно, вонматерична рожба на македонската аристократија. На тајкунска гарнитура. Да не речам, мафија.

И сега, ѓаволот треба да е виновен, што не сме во состојба прецизно да ги разграничиме поимите на политичар од тајкун, од бизнисмен и криминалец. Да разграничиме, кому да му се верува – на корумпираниот судски апарат, на жандармеријата со проблематичен морален кредибилитет. На пратеничкиот ешалон кој систематски ги поткопува темелите на законодавниот дом. И да не бидеме во недоумие, зошто нашите ударни вести, главно, доаѓаат од длабочините на криминалното подземје, од политичките кабинети и широката мрежа на разбојничката администрација. Можеби ќе се најде исклучок, кој не е премачкан со боите на спектарот на криминалите. Но, без двоумење, кога кај нас ќе се покаже со прст на богаташ, нè штрецнува огнена стрела. Болна асоцијација. Ја здогледуваме сликата на дегенерирана личност, изградена од фаличен човечки материјал. Дело на нашиот политички волунтаризам, неукоста на типовите заседнати на командниот мост на оваа наша државна руина и дефектниот ракурс во водењето на генералниот политички спектар.

Јас така мислам и така напишав, од добромислие!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот