Волшебно апче против ковид-19 ќе може да се набави во аптека

Молнупиравир, Фото: Profimedia

„Молнупиравир“, лекот за кој првичните научни студии покажаа дека ја намалува можноста за хоспитализација и смрт од ковид за 50 отсто, најверојатно ќе може да се набави во аптеките низ земјава, со оглед на тоа што може да се користи во домашни услови, се разбира доколку се оствари најавата Министерството за здравство дека наскоро овој лек ќе пристигне во земјава. Оттаму не знаат колку дози ќе успеат да обезбедат од ова т.н. волшебно апче од производителот „Мерк“.

Лекот е најделотворен во првите пет дена од заразата. Нема официјални податоци за тоа како граѓаните ќе може да го набават лекот, но сè поизвесно е дека целта е да се зема во аптеките и пациентите да не мора да бидат хоспитализирани, односно да се спречи наплив од тешки случаи со ковид-19 во болниците.

Како „молнупиравир“ ќе се препишува во земјава, здравствените власти уште не знаат и повеќе информации најавуваат по доаѓањето на лекот во земјава. Апчето се дава двапати дневно на пациенти во почетната фаза по дијагностицирањето на заразата со коронавирусот. Резултатите од клиничкото тестирање сугерираат дека е многу важно апчињата да се земат рано, веднаш по дијагностицирањето, за да има ефект. Кај тие што се веќе хоспитализирани, лекот нема ефект.

Министерството за здравство укажува дека лекот и вакцината против ковид-19 не може да се споредуваат. Вакцините против коронавирусот спречуваат тешка форма на болеста, компликации, хоспитализација или смртен исход. Поради брзите мутации на вирусот, најефикасни се вакцините, зашто целта е постигнување колективен имунитет, единствен кој штити од новите соеви на Сарс-Ков 2.

Компанијата „Мерк“ до крајот на 2021 година се очекува да произведе 10 милиони дози од „молнупиравир“, а американската влада за да го купи, се обврза да плати 1,2 милијарди долари од буџетот ако лекот биде одобрен. За државите што се сиромашни, „Мерк“ веќе склучила договори со производители што ќе произведуваат генеричка форма на „молнупиравир“.

Охрабрувачките резултати од научна студија применета врз примерок од 762 пациенти ја охрабрија компанијата „Мерк“ да побара дозвола за итна употреба од Американската агенција за храна и лекови и од Центарот за контрола и превенција на болести на САД. Се очекува резултатите од клиничкото испитување да бидат разгледани од овие два регулатори, по што дозволата најверојатно ќе биде доделена на крајот од годината.

Според производителот, „молнупиравир“ е делотворен и против мутациите на коронавирусот.

Доктор Ентони Фаучи ги карактеризираше резултатите од овој лек како „многу добри вести“. Апчето оригинално било произведено за грип и е дизајнирано за да го спречи ширењето на вирусот во телото, за разлика од повеќето вакцини против ковид, кои целат против спајк-протеинот на вирусот, „молнупиравир“ го таргетира ензимот што вирусот го користи за да се реплицира, односно да прави копии од себе. Фондацијата на Бил Гејтс ќе одвои 120 милиони долари за да помогне ова апче да дојде до сиромашните земји. Парите што оваа фондација ќе ги даде, ќе се насочат кон поддршка на производство на генерички форми на лекот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот