Волонтерка од Вухан: „Се исплашив од вирусот, но знаев дека морам да му помогнам на својот град“

Фото: Профимедиа

Епидемијата на коронавирус во Кина е завршена, соопшти официјалниот претставник на Комитетот за здравствени прашања Ми Фенг. Како изгледала борбата на оваа земја со Ковид-19, раскажа од своето лично искуство Јанг Зу (30) која помагала како волонтер.

Возачи-волонтери од сите делови на Вухан, град во кинеската провинција Хубеи, каде во декември 2019 година се појави првиот случај на коронавирус, пристигаа за да ги превезуваат медицинските работници и здравствен материјал. Јанг Зу која пред епидемијата работела во медиумите, била меѓу волонтерите, пишува „China daily“.

Оваа триесетгодишна жена во јануари ја започнала волонтерската група „Ангели чувари“, а до крајот на февруари нејзиниот тим од 69 возачи возел медицински персонал 850 пати и пренеле повеќе од 550 тони роба.

Како што потенцира Јанг, за волонтерската работа ја мотивирала роднина која е медицинска сестра во болница во Вухан.

Фото: Профимедиа

Безбедноста на прво место

Откако е суспендиран јавниот градски превоз, роднината немала друг избор освен да ја замоли Јанг да ја вози од дома до болницата и назад.

– Се испаничив кога ми го кажа тоа, бидејќи за мене болниците се опасни места па дури и ако кратко престојувате во нив. Но прифатив бидејќи таа не се плашеше од близок контакт со лица заболени од коронавирусот. Немав причина да се плашам бидејќи само ја возев во болницата – продолжува Јанг и додава:

„Роднината, додека ја возев, ме научи како да се заштитам од инфекцијата. Исто така, ми рече дека води сметка за својата безбедност и да не се грижам за неа“, раскажува волонтерката која својата приказна неодамна ја сподели на конференција во Вухан на која зборувале медицински сестри и хигиеничарки. Нивните сведочења беа вовед во веста за големата победа на Кина.

Додека ја чекала роднината од болницата, Јанг од лекарите и медицинските сестри дознала дека сите имаат проблем со превозот.

На интернет ги повикала волонтерите да помогнат. Се пријавиле повеќе од 200 лица, но Јанг нагласила дека не е возможно секој да ѝ се приклучи во тимот. Условот бил да волонтерите да знаат да се грижат за себеси. „Не беше доволно да имате само ентузијазам“, порача таа.

Војниците ги поддржувале волонтерите

Тимот на Јанг Зу подоцна, на 26 јануари, се придружил на поголема група на волонтери од дистриктот Хонгшан во Вухан.

– Додека бев на семафор еден ден, војник од автомобил до мене го отвори прозорецот и ме поздрави. Тоа го направи бидејќи на мојот автомобил го забележал црвеното знаменце на волонтерската служба и сакаше да ме развесели. Се изненадив. Војници од други покраини дојдоа и физички и психички да не поддржат. Во тој момент сфатив дека како жител на Вухан морам храбро да застанам „напред“ и со сите сили да помогнам градот да се опорави – порача Јанг.

Кина според податоците на „worldometers“ епидемијата ја запре со 81.439 регистрирани случаи на коронавирус, 3.300 смртни случаи и 75.448 пациенти кои се опоравиле од коронавирусот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот