Волфганг Мајер е нов претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија, Штефан Петер се враќа во Виена

Волфганг Мајер е новиот претседател на Управниот одбор на ЕВН Македонија, а на функцијата доаѓа на местото на Штефан Петер кој по осум години на чело на компанијата се враќа во Виена каде што ќе ја продолжи својата кариера на висока позиција во групацијата ЕВН АГ.

Мајер доаѓа од позицијата менаџер за човечки ресурси на ЕВН АГ во Виена. Дипломирал на Виенскиот универзитет за економија и бизнис и има исклучителна улога за кадровскиот и организацискиот развој во групацијата, како и во делот на дигитализацијата.

Инаку, Петер беше и претседател на Советот за странски инвестиции во Стопанската комора на Македонија. Во време на неговото директорување отворен е и изложбениот центар – „Матка“ (10 мај 2017), како прв музеј за електрична енергија во земјава. Музејот има околу 30 експонати кои со мултимедијален и интерактивен пристап на посетителите им овозможуваат да се стекнат со нови знаења. Преку експонатите, гостите се запознаваат со поимот електричната енергија, како се произведува и како таа пристигнува до домовите и компаниите. Посетителите учат за историјата на електричната енергија и учествуваат на работилници за обновлива енергија.

Еден од проектите во кој беше прилично активен е воведување на дуалното образование во земјава, проект чија цел беше обезбедување на одржливи работни места во иднина.

Иницијативата за дуалното образование „ЕВН Македонија“ ја започна во 2015 година, поради потребата од квалификуван персонал. Проектот „20-20-20“ „ЕВН Македонија“ го реализира со Средното стручно училиште „Михајло Пупин“, а се предвидува дваесетина средношколци од секоја генерација, кои ќе покажат најдобар успех да добијат можност за вработување во ЕВН Македонија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот