Волф откри колку му е потребно на Мерцедес да го стигне Ред бул

Според шефот на поранешните шампиони, ќе бидат потребни шест до 12 месеци за „сребрените стрели“ да се изедначат со автомобилите на актуелните прваци во Формула 1
На Мерцедес ќе му бидат потребни меѓу 6 и 12 месеци да го достигне нивото на Ред бул во смисла на целосно разбирање на аеродинамиката на автомобилите на актуелниот шампион во Формула 1.
Вака размислува Тото Волф, шефот на Мерцедес. Тој не е премногу загрижен ако автомобилите на поранешните шампиони наликуваат на оние на Ред бул.
Волф смета дека тимот направил голем напредок во работата во тунелот за аеродинамика. Кај Мерцедес сега се обидуваат да го сменат концептот што го користеа во неуспешните модели од В13 и В14 од минатата и од оваа година.
– Мислам дека периодот е помеѓу 6 и 12 месеци, бидејќи тоа е времето што би ни требало да разбереме што точно се случува со болидот. Тоа значи дека треба да ја удвоиме брзината на развој на нашиот автомобил, а исто така да се развиваме во вистинската насока. Кога концептот е веќе зрел и развиен, тогаш напредокот доаѓа во помали чекори – вели Волф.
Волф прецизира дека овој период за фаќање чекор со Ред бул не треба да се сфаќа толку стриктно, но поранешните шампиони се решени да се вклопат во овој период.
Главната слабост на автомобилот В14 е недоволната аеродинамична потисна сила. Додека Ред бул во првите две трки сезонава имаше две еден-два победи, Мерцедес не забележа ниеден подиум.