„Вол стрит џурнал“ открива кој ја нападнал со дронови воената база во Иран

Зад мистериозниот напад со беспилотни летала врз воена база и складиште на балистички проектили на иранското министерство за одбрана во градот Исфахан, стои Израел, објави весникот „Вол стрит џурнал“, повикувајќи се на неименувани американски функционери.
„Израел го изведе тајниот удар врз иранскиот одбранбен комплекс“, вели изворот за весникот.
Се додава дека станува збор за првиот познат таков напад откако Бенјамин Нетанјаху повторно дојде на премиерската должност.
Покрај тоа, според весникот, нападот доаѓа во периодот на интензивирање на консултациите меѓу израелските и американските функционери за новите начини за спречување на развојот на соработката меѓу Иран и Русија.
Претходно САД го обвинија Техеран дека наводно на Москва ѝ продал беспилотни ударни дронови и балистички проектили со среден дострел кои се користат во војната во Украина, што двете страни го категорички го отфрлија. Иранската страна призна дека испорачала одреден помал број дронови во Русија, но тоа бил многу пред почетокот на инвазијата во Украина.
„Се очекува дека новата влада на Нетанјаху, исто така, нема да ѝ обезбедува воена поддршка на Украина. Но таа ќе продолжи да изведува тајни напади насочени на цели од иранската нуклеарна и воена програма“, се наведува во текстот на WSJ.
Претходно, телевизијата „Ал Арабија“, повикувајќи се на свои извори, објави дека во синоќешниот напад била вклучена воената авијација на САД и „уште една земја“, без да наведе која е таа земја.
Според иранската новинска агенција IRNA, складиштето за балистички проектили во Исхафан ноќта кон неделата било нападнато со минидронови. Едно од беспилотните летала било соборено од противвоздушните системи, додека другите две биле пресретнати и детонирани од воените единици. Магацинот претрпел помали оштетувања и нема извештаи за настрадани или загинати, според истиот извор.
Непознати дронови нападнале воена база во Иран, Техеран тврди дека нападот е одбиен