Војните, Путинови сојузници

Бошко Јакшиќ / Фото: МИА

Анексијата е најризичниот гамбит во кариерата на Путин не само поради општата меѓународна поддршка за Украина, туку и поради руската јавност од која сѐ потешко може да се скрие дека се работи за вистинска војна во која руските војници гинат, а армијата трпи порази

Русија загази чекор подлабоко во уште поопасната фаза од украинската војна, а претставата за територијалните освојувања, кои Русите треба да ги идентификуваат како победа, ги уништува перспективите на какво било мирно решение и максимално ја изолираат Москва на глобалната дипломатска сцена.

Анексијата, аншлусот на деловите на Украина – самопрогласените народни републики Доњецк и Луханск и областите Запорожје и Херсон – е извршена по референдумите, кои светот не ги признава, а се претставени како изборна волја на мнозинските етнички Руси.

Администраторите на четирите региони, поставени од Москва и одговорни кон неа, побараа од Владимир Путин нивните територии да бидат вклучени во составот на Руската Федерација. Шефот на Кремљ одговори на повикот за „братска помош“ според моделот што неговите советски претходници го користеа за интервенциите во Унгарија 1956 година или во Чехословачка во 1968 година. Руската Дума го изгласа присоединувањето.

Путин е убеден дека со обновувањето на „братството“ исполнил уште една историска мисија. Првата беше кога во 2014 година Русија го врати кон себе Крим, кој Катарина Велика во 1783 година го зазела од Татарите, но во 1954 година со одлука на тогашниот советски лидер Никита Хрушчов полуостровот ѝ бил доделен на Украина како подарок.

Путин сега, како подарок спроти својот роденден, од сецесионистите што ги „ослободи од западната колонизација“ доби 15 проценти од Украина, што е најголемото воено заземање територија во Европа од крајот на Втората светска војна.

Кремљ избра ескалација на конфликтот, што недвосмислено го потврдуваат одлуките на Кремљ за анексијата, мобилизацијата на 300.000 резервисти и заканата за употреба на нуклеарно оружје ако биде нападната Русија, вклучувајќи ги и новоприсвоените региони.

Путин смета дека историјата ќе се повтори и е убеден дека војните се негови сојузници. Втората чеченска војна од дотогаш малку познатиот кагебеовец создаде најпопуларен политичар во земјата. Тој го памети тоа, но како да ја заборавил древната изрека: „Чувај се од Данајците и кога ти носат подароци“.

Забрзано во НАТО

Остварувајќи дел од своите амбиции за обнова на советските простори – чие распаѓање Путин го нарече „најголемата катастрофа на 20. век“ – Владимир Владимирович провокативно повикува на продолжување на војната, затоа што е јасно дека власта во Киев нема да прифати одземање суверена територија.

Путин се заканува дека „со сите средства што се на располагање“ ќе ги брани териториите што се примени во состав на Руската Федерација и повторува дека борбите ќе продолжат сѐ додека не биде „ослободен“ целиот исток на регионот Доњецк, чии две петтини и натаму се под контрола на украинските сили.

Охрабрен од новиот пакет американска воена помош од 1,1 милијарда долари, претседателот Володимир Зеленски најавува продолжување на контраофанзивата почната во септември сѐ додека не бидат ослободени сите окупирани делови на земјата. Поднесе барање за влез на Украина во НАТО по забрзана постапка.

„Зеленски сака да влезе во НАТО што е можно побрзо. Голема идеја. Само ја моли Северноатлантската алијанса да ги забрза подготовките за Трета светска војна“, возвраќа заменик-претседателот на рускиот Совет за национална безбедност Дмитриј Медведев.

Барањето на Зеленски би ја однело војната во непредвидливо опасна зона и добро е што не наиде на поволен прием на Западот. Советникот на Белата куќа за национална безбедност Џејк Саливен јасно порача дека „не е вистинско време“ за членство.

Русија со вето во Советот за безбедност на Обединетите нации спречи изгласување резолуција, која референдумите би ги прогласила за „нелегални и неважечки“ (Кина беше воздржана), но прославата на Путин ја помрачија најавите за нови санкции од Западот, кои ќе ја засилат изолацијата на Русија и уште повеќе ќе ги забави тековите на нејзината економија.

Путин бара поддршка

Уште потешко мора да го погодиле некои настани на фронтот. Руските трупи во некои сектори се повлекуваат од територии што формално веќе ѝ припаѓаат на Русија. Ден по церемонијата во раскошната сала на дворецот Кремљ, рускиот гарнизон го напушти Лиман, град на северот на Доњецк што е важен сообраќаен јазол и за чие заземање Русите потрошија недели од воената кампања.

Путин го предупреди Киев, а и сите негови меѓународни сојузници, особено од Западот, дека жителите на анектираните региони „засекогаш“ се руски граѓани. Во време во кое стратегиската позиција на Русија е сериозно разнишана, а ситуацијата на фронтот за него е неповолна, Путин побара од руската јавност и од ретките странски сојузници – како Сирија, Никарагва или Северна Кореја – да му изразат поддршка.

Војната влегува во критична фаза. Чеченскиот лидер Рамзан Кадиров по губењето на Лиман повика на „подрастични мерки“ – ограничена употреба на нуклеарно оружје.

Анексијата е најризичниот гамбит во кариерата на Путин, не само поради општата меѓународна поддршка за Украина и резервираноста што ја изразуваат неговите сојузници Кина, Индија, па и Турција, туку и поради руската јавност од која, наспроти пропагандата, сѐ потешко може да се скрие дека не се работи само за „специјална воена операција“, туку за вистинска војна во која руските војници гинат, а армијата трпи порази.

Се проценува дека од мобилизацијата наваму, претежно во соседни земји како Казахстан и Грузија, побегнале повеќе од 260.000 луѓе, а протестите не запираат наспроти острата реакција на силите на редот и масовните апсења. Нив ни рускиот патријарх Кирил не ги убедил дека треба да одат и да војуваат, зашто, во случај да загинат, сите гревови ќе им бидат простени, а нивната жртва ќе биде еднаква како на онаа на Исус.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот