Војниците со навршени 45 години возраст добија шанса за нов почеток

„На војниците што ќе навршат 45 години возраст им нудиме уште една можност а тоа е да добијат отпремнина во висина од 1000 евра за секоја помината година на служба во Армијата, со што практично им даваме шанса за нов почеток”, соопшти на денешната прес-конференција министерката за одбрана Радмила Шекеринска.

Министерката рече дека одредбата за преземање на војниците од други институции по завршувањето на нивниот војнички стаж се уште е важечка и дека новата опција е само шанса војниците од оваа возрасна структура да имаат два избори: продолжување на нивната работа во други институции или добивање на отпремнина и заминување од Армијата.

„Со оваа можност војниците со поминати 10, 15,20 или 25 години на служба во Армијата можат да земат по 10, 15, 20 или 25 илјади евра отпремнина, што е солидна сума за започнување на бизнис или друга иницијатива за развој на кариерата, што иако ќе го чини многу буџетот, од друга страна ќе биде и импулс за развој на економијата”, истакна министерката.

Шекеринска нагласи дека се работи за фер и праведно решение и дека новата законска одредба е и плод на нејзината заложба државата да покаже дека ја цени Армијата која е столб на нејзината безбедност, дипломат во меѓународните мисии, Армија на НАТО и институција кон која граѓаните имаат најголема доверба.

Претседателот на Независниот синдикат на одбраната Ванчо Исајов ја поздрави одлуката и рече дека Синдикатот дава целосна поддршка за нејзиното донесување и имплементирање, притоа нагласувајќи ја својата увереност дека новата законска одредба ќе придонесе кон натамошно подобрување на статусот на професионалните војници и афирмирање на професијата војник.

За остварување на правото на отпремнина, професионалните војници ќе треба да поднесат писмено барање до половина на годината во која полнат 44 години, што овозможува Министерството за одбрана навремено да ги планира средствата кои треба да бидат одвоени за оваа намена.

Оваа најнова измена е дел од Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за служба во Армијата на Република Северна Македонија кој вчера доби зелено светло од Владата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот