Војниците не сметаат дека не треба да се бават со политика

АРМ / Фото: Фото: Архива на „Слободен печат“

Мнозиството со закон предлага ниту еден припадник на Армијата да не може да работи во АРМ, а да биде истовремено и член на органи и тела на некоја политичка партија. Според Синдикатот за одбрана, тоа е кршење на Уставот.

ВМРО-ДПМНЕ со 2.000 амандмани ги блокира измените во Законот за служба во Армијата, а истовремено предлага свое законско решење. Опозицијата со Предлог-законот бара да им се овозможи на припадниците на Армијата да се пензионираат со 40 години работен стаж или со навршени 55 години. Мнозиството предлага исполнување кумулативно и на двата услови, и 40 години работен стаж и 55 години старост. Дополнително, ВМРО-ДПМНЕ бара со новиот закон да се изврши корекција во висината на пензијата и на воениот и на цивилниот персонал на кој од денот на формирање на Армијата до денот на влегување во сила на овој закон им престанал работниот однос согласно законите за служба во Армијата кои важеле во времето на остварување на правото на пензија.

Од ВМРО-ДПМНЕ, нудат две опции – или владејачкото мнозинство да ги прифати поднесените амандмани или да го повлече владиниот закон и да го прифати законот што го предлага опозицијата.

Ристо Ајтов, претседател на Синдикатот на одбрана и безбедност (СОБ) во изјава за „Слободен печат“ вели дека и двата закони се слични, односно законите нудат решенија кои синдикатот ги има доставено до Министерството за Одбрана уште во 2019 година, со мали недостатоци на предлогот на мнозинството.

– Припадниците на Армијата да бидат пензионирани со навршени 55 години  или 40 години стаж. Ова го има во предложеното решение на опозицијата, а е наш предлог од 2019 година – нагласува Ајтов.

За СОБ е прифатлив и предлогот на опозицијата – сите оние кои се пензионирале во Македонија во АРМ од 1991 па наваму да ги имат сегашните услови за пензија.

Проблематичен за СОБ е предлогот на мнозинството за „политичкото делување“ во рамките на Армијата.

– Мнозиството со закон предлага ниту еден припадник на Армијата да не може да работи во АРМ, а да биде истовремено и член на органи и тела на некоја политичка партија. Како Синдикат сметаме дека тука се крши Уставот. Уставот вели дека сите граѓани се еднакви. Ова мнозиството предлага да се вметне како новина, додека во предлогот на опозицијата тоа го нема. Ние како синдикат сметаме дека не треба да се навлегува во правата и слободите на поедницот според Уставот и меѓународните норми и стандарди. Ако јас не може да бидам член на органи и тела во партија како офицер на АРМ, зошто тогаш би бил министерот. Јас немам влијание колку што има министерот. Зошто државен секретар, службеник и некој раководител кој е избран на органи и тела да може да биде член на партија а  јас немам право. Дефинитивно тука има дискриминација, и тоа страшна – вели Ајтов.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот